СДСМ поднесе предлог-закони за намалување на патните трошоци(видео)

Пратеничката група на СДСМ и здружената коалиција денеска до Собранието достави Предлог-закони за измени на Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери и на Законот за пратениците, со кои се предлага намалување на висината на надоместокот за патни трошоци за користење на сопствено возило во службени цели, што го добиваат пратениците и другите избрани и именувани функционери, како и отстранување на сите можности за евентуални злоупотреби.

Интенцијата на пратениците на СДСМ е овој надоместок што го добиваат пратениците да се намали за половина, односно неговата висина од 30 проценти да се намали на 15 проценти од цената на литар гориво по изминат километар-изјави координаторот на пратеничка група на СДСМ, Томислав Тунтев.

За таа цел веќе имаме подготвено и Предлог-Одлука со која поконкретно се регулира исплатата на надоместокот на патни трошоци, во која предлагаме висината на надоместокот да се намали од 30 на 15 проценти.

Во однос на отстранувањето на можностите за злоупотреби при исплатата на патните трошоци, предлагаме наплатата да се врши само врз основа на фискални сметки за платена патарина кои што се платени со кредитна или дебитна картичка во сопственост на пратеникот. Односно преку т.н. слипови кои што ќе бидат доказ дека пратеникот лично платил патарина. Овие измени исто така се наведени во Предлог-Одлуката која што веќе е подготвена и којашто ќе ја поднесеме до Комисијата за избори и именувања, веднаш по усвојувањето на законските измени и дополнувања.

За оваа Иницијатива за законските измени што ги прелагаме на 1 декември преку писмен допис го информирав претседателот на Собранието Талат Џафери. Очекувавме дека ќе успееме заеднички, преку консултација со сите засегнати пратенички групи, да изградиме консензус за ова прашање. Во тој контекст беше и периодот од еден месец да има време претседателот Џафери онака како што најави да даде предлог до парламентарниот институт да ги испита можностите на нашите доставени предлози, односно за консултации со другите пратенички групи, пред нашата пратеничка група да ги предложиме законските измени. За жал, досега и јас како координатор и ние како пратеничка група немаме добиено мислење од никого по однос на предложената Иницијатива.

Очекуваме и се надеваме дека за овие предлози ќе добиеме поддршка од сите пратенички групи во Собранието и заеднички ќе ги усвоиме овие законски решенија. Ова го мислам пред се, и во моментот кога ќе се врати опозицијата, значи заедно консензуално да донесеме став и одлука околу ова прашање.

Предлозите кои што како пратеничка група ги доставуваме можеме да ги третираме и како краткорочно решение. Ние како пратеничка група сме отворени за понатамошни анализи, дискусии и предлози кои што ќе значат долгорочно решавање на ова прашање.