СДСМ ќе го врати правото жените сами да одлучуваат за прекин на бременоста

,,Jасно и децидно се обврзуваме дека ќе ги укинеме сите одредби од Законот за прекин на бременоста кои го ограничија правото на жените за избор во однос на ова прашање,,-изјави Дамјан Манчевски потпишувајќи ја декларацијата со други 10 партии за укинување на спорните одредби од овој закон.

Ова е наша заложба и од тоа нема да отстапиме-рече Манчевски.

,,Целосно се приклучуваме кон Декларацијата, и како и досега, и во новото Собрание, но и во новата Влада, ќе ги почитуваме принципите на транспарентност и учество на сите заинтересирани страни во процесот вклучително и граѓанските организации. Зборувам како идна Влада во Република Македонија.

При носењето на новата законска регулатива, апсолутно ќе ги следиме сите препораки на Светската здравствена организација и обврските коишто доаѓаат од национални и меѓународни документи коишто се поврзани со човековите права.

Ние како партија, СДСМ ја покажа својата решителност при тоа носење на овој спорен закон во 2013-та година. По скратена постапка, на крајно нетранспарентен начин, без да се сослуша јавноста од страна на Собранието, и особено од страна на Владата. Тогаш ја бојкотиравме собраниската расправа затоа што едноставно не сакавме да учествуваме во овој процес на кршење на човекови права кој што се случи.

Во нашата програма имаме испланирано и многу повеќе чекори за остварување на родова рамноправност во Македонија.

Сега би сакал и тоа да го најавам дека планираме да ја зголемиме квотата за учество на жените во политиката на 50:50 значи со постигнат квалитет со што да, и во политиката генерално воспоставиме родова рамноправност. Ќе имплементираме родова перспектива во креирањето на политиките на национално и на локално ниво. Сакаме да најавиме дека планираме да воспоставиме и Секретаријат за родова рамноправност при Владата, кој ќе се грижи за имплементација на родовата перспектива во креирање на политиките, но и во креирање и на родов сензитивен јазик, секаде и на сите нивоа. Ќе водиме политика, реков, на родово сензитивен јазик и надминување на стереотипите особено во образованието.

И во рамките на евалуацијата на учебниците во основното и средното образование која што ја планираме на едно помасовно ниво, ќе го вклучиме и аспектот на родова рамноправност како и на родово сензитивниот јазик.

Ова се само некој од идните чекори коишто ги планираме како идна власт, заедно со како што гледам голем дел од партиите од оваа маса, претежно се опозициско настроени партии, и тоа покажува едно големо мнозинство на граѓани на Македонија, коешто апсолутно бидете сигурни, како платформа, како граѓанска организација дека цврсто застануваме зад вас во оваа ваша борба,,-изјави потпретседателот на СДСМ..