СДСМ: Ќе има одговорност за палмите

,,Ќе има ревизија и одговорност за набавките на скапите палми од 500.000 евра коишто завршија на депонија!-реагира СДСМ откако беше регистрирано носењето на исушените стебла на депонија и засадување на автохтони дрвја Јасен на нивно место.

,,Исушените палми од 500.000 евра што се најдоа на депонија се класичен доказ дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во сè, па и во палмите гледаат тендери за лично богатење. И тоа во услови кога ја предизвикаа најголемата сиромаштија кај повеќе од 500.000 граѓани во Македонија!

Цела јавност се противеше на идејата да се садат палми поради несоодветната клима за нивно одгледување, но за Груевски и за Коце Трајановски најважно беше како да се дограбат до пари од граѓаните. Палмите завршија овенати на депонија, исто како и жалните врби од стотици илјади евра поставени во Вардар.

Ќе одговараат сите кои учествуваа во злоупотребите на пари на граѓаните и уништувањето на нивните животи.

Новата реформска Влада ќе работи транспарентно и одговорно со парите на граѓаните и ќе се посвети на нивните реални проблеми и потреби“-се вели во реакцијата на СДСМ.

Од Град Скопје демантираат дека тие ги саделе палмите:

,,Во однос на информациите објавени на неколку медиуми, Град Скопје, во интерес на вистинитото и правилно информирање, уште еднаш ја потсетува јавноста, дека палмите кои беа засадени во Скопје во 2015 година, не е проект на Град Скопје, туку се работи за дел од проектот кој го реализира Јавното претпријатие „Македонски Шуми“.

Со овој проект, покрај останатите градови во нашата земја, беа опфатени и Град Скопје и општините во главниот град, но за нивната набавка не беше потрошен ниту еден денар од буџетот на Град Скопје“-се вели во нивната реакција.