Секс, лаги и видео ленти

Документарниот филм ,,Шпион” емитуван пред неколку недели на Al Jazeera Balkans дури сега ја заинтересира македонската јавност откако на социјалните мрежи почна да се споделува кусо парче од филмот во кое се зборува за наводни секс афери на политичари и бизнисмени снимени, се разбира тајно, од страна на првообвинетиот во истоимениот судски процес Марјан Ефремов во неговиот стан на Халкидики во соседна Грција. Според тврдењето изнесено во документарниот филм, Ефремов им го позајмувал станот и таму со тајна камера ги снимал нивните сеанси:

Документарниот филм трае 25 минути , а во него се поместени сведочења на Зоран Bожиновски и Ване Цветанов чии изјави се вкрстени и кои се демантираат или негираат една со друга. Исто така, како заштитен сведок- соговорник, замаглено лице и модифициран глас, наводно сведочи љубовницата на Ефремов. Филмот е во продукција на Revolution.

Судскиот процес за ,,Шпион,, заврши пред две години, а Кривичниот суд донесе пресуда со која  групата беше осудена за шпионажа, оддавање државни тајни, злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената должност. Највисока казна затвор од 15 години ја доби Марјан Ефремов, којшто бил организатор на криминалната група.

Поранешниот генерал Горан Стојков беше осуден на девет години затворска казна, додека поранешниот директор на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов, беше осуден на три години затвор и е ослободен од обвинението за шпионажа.

Поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, Марјан Маџовски е осуден на 1,5 година, додека поранешниот разузнавач Александар Диневски е осуден на 4,5 години затвор.

На Зоран Божиновски  му се суди сега, откако беше екстрадиран во земјава од Србија.

Судскиот процес против 19-мината осомничени во „Шпион“ траеше една година.

Дел од осудените веќе се на слобода со намалување на казната, а на поголем дел од осудените кои се уште се на издржување на затворската казна, таа им е намалена.