Се бара решение за отпуштените неработници пак да се вратат на работа во Влада

Се бара решение за статусот на дваесетината Роми вработени во Владата кои добија откази, бидејќи претходниот период земале плата, а не оделе на работа, истакна министерот без ресор, Аксел Ахмедовски при посетата на Делчево.

Нагласи дека статусот на овие лица е голем проблем со кој се соочил по стапувањето на функцијата, бидејќи сите лица имале засновано работен однос врз основ на законот, но биле изманипулирани од ромските политички партии на претходната власт користејќи ги како гласачка машинерија.

– Сакам да кажам дека на овие лица им е направена лоша услуга, освен што им се прекинува работниот однос, тие треба да ги враќаат и средствата. Сегашната Влада и покрај донесените решенија се труди да изнајде начин за решевање на статусот на овие лица, бидејќи тие едноставно се вовлечени од политичките манипуланти за добивање моќ, а со искористување на сиромаштијата и немоќта на овие млади лица, истакна тој.

– За да се исправи таквата грешка предизвикана од претходната влада, по новогодишните празници претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, закажа лидерска средба со премиерот Зоран Заев,  бидејќи ставот на Владата не е да се прави каков било реваншизам кон сите лица кои се изманипулирани од претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, туку да се даде живот за сите, рече Ахмедовски.