Се вади валканиот веш на Трамп

Вашингтон Пост објави шокантна видео снимка од републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, каде тој на највулгарен начин зборува за жените. Ова се случува два дена пред втората телевизиска дебата меѓу него и Хилари Клинтон. Ураганот веќе не е главна вест на американските медиуми.

Два дена пред втората ТВ-дебата, кандидатот за американски претседател Доналд Трамп е под огромен притисок поради видео-снимка на која тој зборува вулгарно за жените, пишува DW. Човекот кој во кампањата досега зборуваше сѐ и сешто, а сепак за ништо не се извини, сега е приморан да го стори тоа. „Зборував и правев работи за кои жалам“, рече контроверзниот милијардер ноќеска во видео-порака. „Секој што ме познава знае дека тие зборови не се одраз на она што јас навистина сум“, тврди Трамп и додава: „Го реков тоа, тоа е погрешно и се извинувам.“

Неколку часа претходно „Вашингтон пост“ објави видео од 2005 година, на кое Трамп со вулгарен тон се фали дека како ѕвезда може да ја има секоја жена.

Милијардерот, кој во тоа време веќе беше оженет со сегашната сопруга Меланија, раскажува како се обидувал да заведе некоја друга жена: „Ѝ се додворував, но не успеав.“ Натаму доаѓа делот кој е исклучително вулгарен. Трамп се обидел, како што вели, „да ја е..м“ и „таа беше мажена“. Во меѓувреме, жената чиј идентитет останува тајна, „тотално го има променето изгледот“. Описот на Трамп гласи: „Сега има големи вештачки ц…и и сѐ.“ Фалењето на Трамп не застанува тука. На видеото се слуша како тој „автоматски“ е „привлечен“ од убави жени. „Едноставно почнувам да ги бакнувам (…) Не чекам. А, кога си ѕвезда, тие ти дозволуваат. Можеш да правиш сѐ.“ Тој тврди дека можел дури и да ги допира жените меѓу нозе, а тие му дозволувале.

Инаку, токму Трамп пред првата ТВ дебата се фалеше дека ќе ги извади сите валкани работи за сопругот на неговата противкандидатка, поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Тој во последен момент се откажа на дебатата да ја покаже наводната поранешна љубовница на Клинтон.