Се враќаат маалските полицајци

Маалските полицајци се враќаат на подрачјето на СВР Штип со цел да се зголеми безбедноста на граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски по  посетата на СВР Штип и ПС Кочани.

„Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Штип е мирна и стабилна.  Денеска  им дадов задача на началникот и неговите соработници да започнат со подготовка за реализирање на проектот за маалски полицаец и враќање на позорникарите на улиците на СВР Штип . Тоа  ќе го направиме и во другите градови. Маалскиот полицаец е најдобар партнер со  граѓаните и на тој начин заеднички ќе ја зголемиме безбедноста“, рече министерот Спасовски.

На  средбите во СВР Штип и ПС Кочани се разговараше и за условите за работа на полицајците и проблемите со кои се соочуваат.

Министерот Спасовски оствари работни средби и со градоначалниците на Штип и Кочани, Благој Бочварски и Николчо Илијев.

“Соработката меѓу локалната самоуправа и секторите за внатрешни работи  е многу важна ако сакаме да имаме безбедни градови“, рече министерот Спасовски.

Во наредниот период министерот Спасовски ќе ги посети и останатите сектори за внатрешни работи.