Се намалуваат цените за отуѓување градежно земјиште во сопственост на државата

На предлог на Министерство за транспорт и врски Владата донесе одлука за изменување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп.

Со предложените измени се врши намалување на висината на цената по кои се отуѓува градежното земјиште сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба за А3 – групно домување за реон 5 и реон 6, и истата ќе изнесува 70,00 денари, за разлика од досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600,00 до 400 денари за населено и вон населено место, во различни општини.

Целта на ова намалување на цената на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија е да се стимулира изградбата на објекти за групно домување, со социјална компонента како што се домови за пензионери, градинки, ученички и студентски домови и слично.