Се одбележуваат 50 години од формирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј“, утре со свечена академија ќе одбележи голем јубилеј-50 години од формирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура“.

Багодарниците во име на лекторатите што ги имаме низ светот (за жал, малубројни), ќе ги примат претставници од дипломатскиот кор од Русија, САД, Полска, Чешка, Србија, Словенија, Хрватска, Турција, Франција…

Изминатото лето, седумдесет и двајца студенти кои го изучуват македонскиот јазик низ лекторатите во 16 држави од целиот свет, заедно со истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странски универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници учествуваа на јубилејната 50. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што се одржа во Охрид.

– Прославуваме голем јубилеј, пет децении од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, собир значаен за Универзитетот, но и за Македонија, нејзината државност, самобитност, културата и најважното – македонскиот јазик, истакна на отворањето на Летната школа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски.

Тој нагласи дека со македонистиката заедно одат и литературниот јазик, културата, историјата, обичаите и се она што ја дефинира Република Македонија.

– Сите овие елементи се само потврда на самобитноста на Македонија, а нивното постоење и негување се значајни за опстанокот на нашата земја, притоа нагласувајќи го јазикот како најзначајно оружје во одбраната на идентитетот, рече тогаш Јанкуловски.

Ала Шишкин, професор по славистика и македонски јазик на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, го посочи Семинарот во Охрид како значајна можност за славистите од целиот свет на изворно тло да го слушнат и усовршат македонскиот јазик.

– Тоа е централната манифестација во Македонија задолжена да го негува и промовира македонскиот јазик, литературата и културата во светски рамки. Историјата на Македонија добро е опишана во романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, дека ништо не може да го уништи еден народ кој се грижи за својот јазик, единственото оружје кое не стрела, а директно погодува в срце, рече во јуни таа.

Иван Доровски од Универзитетот во Брно кој како студент бил учесник на првата Летна школа за македонски јазик, од почетокот на 90-те години на минатиот век редовно испраќал свои студенти по славистика на Семинарот во Охрид.

– Не може да постои народ без јазик…Македонскиот, како литературен јазик кодифициран во 1945 година, е еден од најмладите словенски јазици, но истовремено и еден од најстарите оттаму што првото литературно дело на старите Словени е токму „Евенгелиумот“ што Константин Кирил Македонски го напишал на глаголица, а потоа преведен на кирилица, смета Доровски.

Фото:Архива,летна школа,Охрид