Се регулира и ограничува употребата на полициска сила, гумени куршуми, парализатори…

Владата на Република Македонија на 43-тата редовна седница, го прифати предлогот на Министерство за внатрешни работи и ги утврди измените на законот со кој се ограничуваат дискреционите права на полицајците за употреба на слила.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција,  ќе го достави до Собранието на Република Македонија.

Со предлогот за изменувањата и дополнувањата на Законот за полиција, меѓу другото, се предвидени измени кои ја ограничуваат употребата на средствата за присилба кои можат да се употребат спрема група, како што се физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен пиштол; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

Предлог-измените тргнуваат од недореченостите кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и од недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба.

Во анализите се укажува и на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми.

Исто така, со предлог-измените се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и мерки за претпазливост и заштита на здравјето.

Врз основа на согледувањето на наведените забелешки, Министерството за внатрешни работи изврши соодветно содржинско и концептуално доуредување на законската материја, по што се очекува хармонизирање на наведената содржина со меѓународните стандарди.