Сите пари од буџетот за анкети водат кон ИПИС и Владимир Божиновски

Порталот за истражувачко новинарство Призма , објави истражување во кое се гледа шемата за извлекување големи државни пари од институциите раководени од министрите на ВМРО ДПМНЕ во периодот од 2011 до 2017 година.
Според сознанијата на Призма, во овој период се уплатени над 600.000 евра буџетски пари за разни анкети за потребите на пропагандната политика на ВМРО ДПМНЕ и рекламирање на нивните проекти и успеси.

Шемата по која работеле институциите и Институтот за политички истражувања, на крајот завршува со политикологот Владимир Божиновски, кој потоа резултатите од анкетите, се разбира поволни и високо позитивни за партијата на Груевски, ги бранел и презентирал преку секојдневни гостувања на сите национални телевизии.

Неретко, одреден политички проект на институциите што предизвикувал жестоки реакции во јавноста, во анкетите на ИПИС  бил претставуван како поддржан од мнозинството граѓани. Таков е примерот со проектот „плата по учинок“ во здравството кој предизвика незадоволство и штрајк на лекарите контра Министерството за здравство. Резултатите на анкетата на ИПИС беа користени како аргумент за исправноста на политиката на Министерството кое истовремено ги нарачувало и плаќало услугите на овој Институт.

Исто така во екот на политичката криза пред настаните на 27 април и упадот во Собранието  ИПИС излегува со нова анкета во која се заклучува дека паѓа рејтингот на СДСМ што во провладините медиуми се пренесува со заклучокот дека „граѓаните на Република Македонија не ја поддржуваат Тиранската платформа“.

Гораст Стојменовски, основач и претседател на ИПИС тврди дека е точно дека се склучувале голем број договори со државните институции и дека најголем дел од нив се реализирани и исплатени, но додава дека тоа нема никаква допирна точка со анкетите за јавното мислење.

„Ако во анкетите ние прикажеме неточни информации, како би можеле повторно да соработуваме со истата институција? Лажирање на резултати од јавно мислење не би носело ништо друго освен краткорочен бенефит, а ние постоиме од 2010 година и редовно се наоѓаме меѓу првите кои секогаш даваат најточни резултати во однос на политичката сцена“, вели Стојменовски за Призма.

Најмногу договори од 2012 до 2017 година ИПИС има склучено со Министерството за труд и социјална политика. Четирите договори, од кои три сè уште се во тек, тежат речиси 480 илјади евра.

Првиот договор со Министерството за труд и социјална политика е склучен во 2012 година, а завршува кон крајот на 2015 година. За 83.350 евра, ИПИС за Министерството требало да направи истражување на јавното мислење. Најголемиот договор вреден 144.940 евра е склучен во 2013 година, со траење до декември 2017 година, кога ИПИС требало да спроведе истражување зошто Програмата за условен паричен надоместок (УПН) за субвенционирано вработување не ги достигнало планираните резултати. Во 2014 година, следуваат уште 2 договори, секој вреден над 120.000 евра, за „оперативна и изведбена ревизија на УПН програмите“-пишува овој портал.