Скандали и партиско-полициски врски на Владимир Панчевски

Скандал до скандал ги разоткрива партиско-политичко-судските реалиции изминатите години на владеење на ВМРО ДПМНЕ. Еден од главните протагонисти на оваа партија инсталиран на клучна позиција во судството Владимир Панчевски, откако подигнал два ката на објект на кој и тој е сопственик и доби решение за уривање, ја обвинува општина Центар за инструментализирана хајка , конструирана од СДСМ.

Реагираше општина Центар:

„По изнесените невистини од страна на претседателот на Основниот Суд Скопје 1, Владимир Панчевски, Општина Центар сака да ја информира јавноста за вистината околу доградбата на неговиот објект.

Имено, Владимир Панчевски, заедно со уште двајца инвеститори, бесправно и без дозвола направиле надградба на зградата на ул. Никола Вапцаров бр.6. Тие од Општина Центар, во јуни 2015 година, добиле одобрение за ‘реконструкција и санација на фасадата во рамки на постојниот габарит’, кое им следува законски. Со ова решение тие немале право да направат никакво проширување или надградување на објектот. Потоа, во средината на 2016 година, тие поднеле барање за надградба на објектот, кое во август 2016 година било одбиено и вратено на доработка заради јасно наведени недостатоци во проектната документација.

Инвеститорите, меѓу кои и Владимир Панчевски, на своја рака решиле да си доградат уште два ката и потпокрив, без да поседуваат соодветна дозвола за тоа.

Инспекцијата на општината, согласно законските прописи и во рамки на своите надлежности, издала барање за уривање на доградените спратови. Законот важи подеднакво за сите и општината ќе постапи според законот.

Уште еднаш ја потсетуваме јавноста, дека во текот на вчерашниот ден, истражители од основниот суд ја посетија општина Центар и ја одзедоа документацијата за овој предмет, за што веќе ја информиравме јавноста. Образложението е дека се работи за судски предмет, за кој не можат да даваат информации.

Ги повикуваме медиумите да го следат и истражат случајот до крај, за каков предмет се работи, кој е обвинет и кои се вистинските причини за ова запленување – се вели во писмената реакција на општина Центар“.

Вчера, општината извести дека се под постојан притисок на власта, конкретно на структури во полицијата кои припаѓаат на ВМРО ДПМНЕ и на судската власт блиски до оваа партија. Истражители по налог на претседателот на Основен суд Скопје 1- Владимир Панчевски биле пратени во општина Центар за да ги одземат доказите за бесправно градење на објект , на кој е сопственик и Панчевски.

Општината откако констатираше дека се бесправно изградени два ката на веќе постоечки објект, издаде налог за уривање.