Солун:Книжевно чествување на Блаже Конески и претставување на писателот Томислав Османли

 
 
    На двете одделни книжевни претставувања кои ги носат имињата “Везилка” и „Светилка за Ханука“, првото според антологиската поема на академикот Конески, а второто според книга на писателот Османли, за ликот и делото на еден од најголемите македонски поети и дејци на полето на јазикот говорea истакнатиот грчки писател Костас Валетас и Д-р Вера Стојчевска-Антиќ; а за јудео-балканските прози на Османли Д-р Пол Хагуел, автор и истражувач од Солун, и поетот и издавач Јоргос Јанопулос 
   
           
На меѓународниот Саем на книгата во Солун – кој се одвива од 11-14 мај – со  две последователни манифестации, в петок на 12 мај се одржa чествување на дел од нашето современо книжевно творештво: пред сѐ на делото на великанот на македонската книжевност Блаже  Конески; како и на дел од прозното творештво на современиот македонски автор Томислав Османли
           Имено, на иницијатива на Конзулатот во Солун и Генералниот конзул Маја Апостолова-Балабурски, пред поголем број проследувачи и љубители на литературата, беа организирани, македонскиот штанд на саемот, како и книжевното чествување именувано “Блаже Конески:Везилка” со почеток од 17:00 и „Светилка за Ханука“ – литературно претставување на Томислав Османли со почеток од 18:00 часот.
*
           Трибината посветена на ликот и делото на академикот, поет и лингвист Блаже Конески ја модерираше Проф. Д-р Димитар Пандев, а на неа свој настап имаа истакнатиот грчки книжевник Костас Валетас кој за овој настан допатува од Атина и Проф. Д-р Вера Стојчевска-Антиќ која во чест на Конески ја претстави својата најнова книга „Мојот Учител, пророк“ во издание на „Култура“.
            Чествувањето на Блаже Конески доаѓа во годината во која се наслојуваат повеќе јубилеи на класикот на македонското литературно творештво и линвистичка наука, а пред сѐ 50 години откако беше избран за прв претседател на МАНУ. Инаку, повод за ова чествување на великанот на македонската книжевност е своевремената објава, на книга со избор од поетското творештво на Конески насловен “Везилка” во издание на атински  “ЕМОС”. Кон оваа поетска објава, стои и вдахновениот предговор на Костас Валетас за значењето на поетското дело на Конески.
По повод овој омаж кон делото на нашиот Академик, влезот на македонскиот штанд на солунскиот Саем на книгата со бројни изданија на дела од наши видни писатели, е украсен со паноа на македонски и грчки јазик на две од неговите антологиски песни: „Везилка“ и „Послание“.
 
*
            Повод, пак, за книжевниот настан врзан за творештвото на Томислав Османли е објавата на неговара новела „Раката на ХеВХаЈ“, што во превод на Тула Папапанду, на грчки јазик деновиве ја објавува ревијата за култура литература и уметност „ЕНЕКЕН“ која се појави во Солун и се промовира токму на овој настан. Уредник на списанието и учесник на настанот беше истакнатиот грчки поет Јоргос Јанопулос. Едновремено, покрај текстот на прозата и авторската биографија на Османли, списанието „ЕНЕКЕН“ објавува и  фотографии со мотиви од окупирана Битола, како илустрации на прозниот текст чие дејство се случува токму во тој период на македонскиот град.
           Станува збор за објавата на грчки јазик на една од бележитите прози, дел од нашата меѓународно афирмирана книга „Светилка за Ханука“, наградената и многукратно преведувана збирка раскази и новели на еврејски теми од Балканот, поточно од Скопје, Битола и Штип, како и од Белград, Солун, Атина и Закинт… 
           На литературниот настан, по повод книгата на Османли, говореше и Д-р Пол Хагуел, истакнат истражувач на темата и автор на бројни студии, кој живее и работи во Солун. Делови од прозата на нашиот автор, пред бројните присутни, се читаа на грчки јазик.
 
           Годинашните бележити културни преставувања во Солун се дел од континуитет кој, во организација на македонскиот Конзулат, поинтензивно трае последниве три години.