Сопственикот на порталите што ширеа лажни вести за Заев, доби 130.000 евра државни пари за документарец

Сопственикот и управител нa фирмата која лани, за време на изборната кампања пред изборите на 11 декември, регистрираше портали во Хрватска и Србија од кои се ширеа лажни вести против лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, сега доби 130.000 евра државни пари за продукција на документарец- пишува порталот СДК.

Според Централниот регистер, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев е сопственик на Друштво за новинско издавачка дејност „Њу медиа ентерпрајз ДООЕЛ Скопје“ која во Хрватска и Србија ги регистираше домените за порталите за лажни вести и која е сѐ уште активна, а исто така е сопственик и на Друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма „Њу медиа 2016 ДООЕЛ Скопје“, која е продуцент на долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ што е поддржан со 8 милиони денари или 130.000 евра од Агенцијата за филм на последниот конкурс во 2016, а чии резултати беа објавени во почетокот на февруари.

Лани на 16 ноември, од извесен хрватски портал ALO.COM.HR почнаа да се шират текстови со насловите „Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“, „Сѐ за Сорос: Владетел на светот и човек кој одлучува за нашите животи или обичен преварант?“, кои масовно се споделува во Македонија на социјалните мрежи и се цитираа во провладините портали и  телевизии. Текстовите на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Агенцијата за филм велат дека долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ е пријавен на конкурсот од продуцентската куќа „Њу медиа 2016“ и сега откако е одобрен, продуцентот е должен до Агенцијата да достави договори за регулирани авторски права за сценарио и режија заради потпишување на преддоговор.

Проектот на Поп Ѓорѓиев како од посебен државен интерес добил 130.000 евра, но тоа не е максималната поддршка од државата. Според Агенцијата за филм, во конкурсните услови за финансирање на филмски проекти од посебен интерес за Република Македонија, државата учествува со средства до најмногу 90 отсто од вкупниот буџет. За долгометражен игран и анимиран филм може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари односно милион евра, а за долгометражен документарен филм не повеќе од 10.000.000 денари, односно 160.000 евра.

Повеќе на СДК