Со ревитализација на ТС „Дуброво“ почнува инвестициски циклус вреден над 50 милиони евра

Во Владата на Република Македонија денеска беше потпишан договор меѓу МЕПСО и конзорциумот „Сименс и Сискон“, за ревитализација на 400/110 kV Трансформаторската станица „Дуброво“, и со тоа започна среднорочниот инвестициски циклус за ревитализација на повеќе трансформаторски станици во преносната мрежа, изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид и за изградба на седум нови далекуводи во Република Македонија.

Договорот за ревитализација на ТС „Дуброво“ го склучија Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО и Срдан Срдановиќ, претставник на конзорциумот „Сименс и Сискон“.

На свеченоста присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев кој во оваа прилика, во своето обраќање истакна:

„Со потпишување на овој договор, Владата започнува со агресивна реализација на најавените инвестиции во електро-енергетскиот сектор. Владата најави и ќе го реализира ветеното за вложување во капитални инвестиции, односно дека ќе работи на создавање на квалитетна инфраструктура, со која ќе се подобрат условите за работа и ќе се подигне конкурентноста на македонското стопанство. Енергетиката е еден од главните столбови на кои ќе се фокусираме и денеска го започнуваме инвестицискиот циклус во оваа насока“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Во своето прво обраќање до јавноста Василевски, генералниот директор на МЕПСО, истакна дека МЕПСО започнува среднорочен инвестициски циклус со проекти за ревитализација на повеќе трансформаторски станици и изградба на седум нови далекуводи ширум земјава вредни повеќе од 50 милиони евра.

 

„Со проектот за ревитализација ќе ја замениме со нова опрема постоечката што е во функција веќе 40 години. Оваа трансформаторска станица е срцето на електропреносниот систем и затоа е приоритет во целиот овој проект“, потенцираше Василевски.

Срдан Срдановиќ, претставникот на конзорциумот изведувачи соопшти дека со овој проект ја продолжуваат соработката со МЕПСО во успешна реализација на проекти за изградба и ревитализација на трансформаторски станици како што беа: ТС „Штип“, ТС „Петровец“, ТС „Скопје 5“, ТС „Скопје 4“, ТС „Тетово 2“.

За реализација на овој проект на меѓународен тендер за најповолен понудувач е избран конзорциум составен од „Сименс Белград“, од Република Србија, и „Сискон“ од Република Македонија. Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од три извори и тоа: сопствени средства на МЕПСО, грант од Western Balkans Investment Framework и заем од Европската банка за обнова и развој.

Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ ќе трае три години. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди поголема сигурност и доверливост во работењето со високо напонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти, и оптимизација во управувањето со електропреносниот систем.