Спасовски им вети на студентите на Факултет за безбедност преиспитување на кадровската политика

Министерот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност во Скопје. Во своето обраќање до студентите и професорите министерот Спасовски рече дека академската наобразба е круната на долгиот образовен процес и секој млад човек што се решил да го мине тој пат знае дека таа фаза од неговата наобразба, не е само испит на персоналната зрелост туку и конкретно профилирање на идната професионална подготвеност и стручност.

„Министерството за внатрешни работи отсекогаш било и ќе остане отворено за широка и континуирана соработка со вашиот Факултет, пред се во име на заедничките цели што ги споделуваме – практично имплементирање на високообразовните и едукативни стандарди согласно современите трендови во областа на безбедноста. Јас сум свесен дека во годините наназад, особено во последната декада се направи еден стравичен дисконтинуитет во поглед на привлекувањето на кадри од вашиот и сродните факултети во редовите на Министерството за внатрешни работи. Онаму каде што природно би требало да се направи некаква првична селекција. Штетата од сето тоа е заедничка“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека во периодот што следи ќе прекине таквата практика.

„Министерството за внатрешни работи, јас како негов раководител и тимот што го предводам, сме решени да ја преиспитаме досегашната кадровска политика, и да создадеме простор за можен работен ангажман на најквалитетните професионални профили од областа на безбедноста.

Во крајна линија длабоко сум убеден дека институционалната ефикасност и функционалност, меѓу другото, многу зависи од следењето и практичното имплементирање на новите научни сознанија и искуства, од постојаната едукативна надградба на вработените, како и во осмислено, системско давање шанса на млади образувани и амбициозни луѓе“, рече министерот Спасовски, посакувајќи им на студентите успех во натамошното образование.