Спектакл во „Градот на светлината“

Од 1 до 16 октомври во француската престолнина ќе се одржи најголемиот авто-салон на светот „Париз мото-шоу 2016“. Пред две години Салонот за автомобили го посетија 1.253.513 вљубеници во автомобилизмот. Очекувањата на организаторите се дека рекордот оваа година ќе биде срушен.

Околу 300 излагачи од 80 земји ќе ги претстават своите најголеми достигнувања на 79 илјади метри квадратни изложбен простор. Интересно е што на манифестацијата нема да бидат присутни модели на „Форд“, „Бентли“, „Ролс-Ројс“, „Мазда“, „Волво“, „Ламборџини“ …

Причините за откажувањето од Саемот се, како што наведуваат компаниите, штедење но и новите видови на презентации на возила преку интернет и социјалните мрежи. Без оглед на неучеството на познати брендови во Париз ќе има 80 премиери на нови возила.

„Ауди“, на пример, ќе го изложи новиот „кју 5“, БМВ ќе го претстави моделот X2, посетителите ќе присуствуваат на презентацијата на новиот „цитроен Ц3“ и на возобновените модели на „Дачиа“.
Интересни, велат познавачите, ќе бидат новите „хонда сивик“, „хјундаи“, „киа рио“, „ленд ровер“ и „мерцедес“ е-класа.

„Фолксваген“ годинава акцентот ќе го стави на електромобили.