Изминатите месеци најголем број од медиумите во Србија се преплавени со вести од и за Македонија, во кои главно се известува необјективно или со видлива наклонетост кон Груевски и ВМРО ДПМНЕ и критичност и нетрпеливост кон Заев, СДСМ и партиите на Албанците. Како што кај нас Зоран Заев е ставен на отстрел во медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ, речиси со ист интензитет тоа се случува и во Србија. Порталите како Информер, српски Телеграф, Блиц, се носители на пропагандата против лидерот на СДСМ . Но, на ист начин како и кај нас , државниот сервис РТС овие портали ги користи како извор на информации кога треба треба да се даде гласност на се што е спин, шпекулација, пропаганда или се коси со новинарските стандарди. И на тој начин се оградува, а и волкот сит и овците на број.

Радио Телевизија Србија вчера објави вест за заплена на голема количина оружје, кое наводно било наменето за некои албански структури во Македонија и се повика на Блиц.

Па според Блиц, кој патем објавува врвна тајна на Воено-безбедносната информативна агенција(БИА), запленета е голема количина оружје на југот на Србија кое илегално требало да биде пренесено во Македонија. Се претпоставува дека оружјето е наменето за партиските инфраструктури на најголемите партии на Албанците, чии функционери учествувале  во вооружените судири во Македонија и на Косово и Метохија во минатото. Значи, според Блиц, тоа оружје било наменето за поранешните команданти на ОНА, инаку активни политичари во изминатите 16 години, во најголем дела од времето во коалиција со ВМРО ДПМНЕ.

Понатаму, Блиц ја пренесува ,,врвната тајна “ на разузнавачката агенција на Србија дека во близина на Прешево и Бујановац се запленети неколку илјади пушки, минофрлачи, рачни бомби, муниција и тоа  во моменти кога еден странски и  два српски државјани се обидувале да го пренесат на македонска територија.

Но, нема информација дали шверцерите се уапсени или не.

Според БИА, а пренесува Блиц, оружјето било наменето за предизвикување инциденти доколку дојде до разгорување на состојбата, па дури и за насилно преземање на власта.

И на крај јаготка на шлагот-,,акцијата е извршена во најголема тајност(но ете Блиц е брифиран) и за неа знаел највисокиот државен врв, но Александар Вучиќ сметал дека шпекулациите за заплена на толкаво оружје во јавноста може да придонесе за долевање масло на огнот во ровката политичка ситуација во Македонија.

Но, ете, Блиц сепак е брифирин за оваа врвна разузнавачка тајна, а ја пренесуваат сите медиуми во Србија.

Блиц додава дека за целата акција се известени македонските безбедносни служби.

Српските медиуми стануваат дел од специјалната војна против Заев и новото владејачко мнозинство, а доказ за тоа се сите пропагандни информации кои се пренесуваат на медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ.

Па така, ударно на Република, Курир и другите, вчера е пренесена вест од српскиот ,,брат“ на македонскиот Курир, порталот Информер, дека :

„Информер“: Од Македонија прават Шиптарија! Терористите на ОВК, Талат Џафери и Али Ахмети со својот пион Заев сакаат да предизвикаат војна!-пренесува Република.

Во Србија, речиси сите медиуми се под контрола на Александар Вучиќ и работат по истиот терк како кај нас оние медиуми кои ги контролира Груевски.

Отаму , станува јасно зошто Зоран Заевн даде таква изјава во интервјуто за српски Курир, во која ваквото однесување на медиумите во Србија кон него го поврза со ,,националистичката“ Влада на Вучиќ.

,,Лошото“ момче во таборот на Вучиќ, Ивица Дачиќ, се разбира, веднаш подготвено го дочека на волеј Заев, а потоа тоа беше регионално соодветно медиумски проследено.

И обратно, македонскиот Србин Иван Стојиљковиќ, ,,возврати“ од кај нас дека Србите во Македонија се ,,длабоко навредени“ од изјавата на Заев, па него ударно го пренесоа српските медиуми.

Војната, пропагандната војна, на Балканот продолжува.

 

Емилија Лазаревска,АКО.мк