СРАМ!

                          

Пишува:Емилија Лазаревска  

 

 

Со денови го очекувам и замислувам моментот на соочување меѓу пратениците во салата за пленарни седници во Собрание на РМ. Се прашувам, како пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалициските партнери од Социјалистичка на Ѕинго и останати, ќе го погледнат во очи Зијадин Села кој беше крвнички претепан, како сега ќе му се обраќаат на Зоран Заев и на другите пратеници од оваа пратеничка група и како низ ,,патриотските“ усти ќе го тркалаат она СДС, криминалецот Заев, предавникот Заев

Срамно е пратениците Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Сашо Василевски, Илија Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Трајко Вељановски, Жаклина Пешевска, но и другите кои потоа егзалтирано, поскокнувајќи и широко ракоплескајќи им на пропуштените демонстранти и насилници во Собрание, се уште да седат во пратеничките клупи,  а ние дебело да ги плаќаме за тоа. Парите што ги земаат не се само од гласачите на ВМРО ДПМНЕ, туку и од данокот што на државата и го плаќаат фирмите на семејството Заеви, роднините на Зијадин Села, сопругот на Радмила Шекеринска, сите ние, нашите семејства, познаници…..

Тоа што многумина од нас го знаат и го гледаат, не само сега, туку години назад , со објавувањето на снимките од собраниските камери само уште еднаш се потврди. ВМРО ДПМНЕ е претворена во злосторничко здружение по сите основи. Раководството на оваа партија и стотици партиски членови и функционери кои гравитираат околу раководството, ги злоупотребуваат со години и партијата и државата од егоистички причини. Пред се заради пари и комодитет, а потоа и моќ, власт, изживување, хранење на суета, себедокажување, и тоа преку најкриминалните и најрасипани начини кои може да ги смисли еден човечки ум. Овие луѓе во суштина потпросечни , прости, голем дел необразовани, некои одмаздољубиви, злобни, други итарпејовски умни, некои и сосема свесни , па и школувани, користејќи ги и сопствените поддржувачи, 11 години управуваат со Македонија како со свое гранапче. Државата беше киднапирана и направена филијала на мафијата инсталирана во сите пори од општеството. И ова не е ништо ново, беше општо познато и за жал од многумина прифатено како нормална општествена состојба.

Клиентелизмот на кој очигледно Македонецот е склон, направи невидени полтрони од директорите на сите државни установи, а уметници, глумци, пејачи одработуваат со таква леснотија и сервилност, погазувајќи го сето она што го сработиле во животот и уништувајќи го вечниот мит за уметноста како авангарда.

Кога настапот на Симон Трпчевски на вештачки исконструираното отворање на незавршената Филхармонија ќе предизвика осуда и згрозување, тие што го бранат, треба да знаат дека тој чин е за осуда. Никој не го спори, ниту може да го оспори неговиот квалитет, кој е светски потврден и признаен, туку моментот на неговата одлука да биде дел од едно злосторничко здружение кое со последните атоми, до крај ја злоупотреби државата и нејзините ресурси за лични потреби. Овојпат, за да ,,пркосат“ на нивниот очигледен крах како политичка партија и личности, кои се претворени во политички монструми. Фактот што објектот на Македонска филхармонија не е завршен и на него треба да се работи најмалку уште половина година, е јасен показател дека оспособувањето на едната концертна сала е заради потенцирање, уште еднаш, кој е газда во куќа и кој стои зад изградбата на овие објекти, небаре парите од џеб ги извадиле. За мене и како посетител и како уметник доволно би било сознанието дека се подготвува партиска журка на раководството на ВМРО ДПМНЕ , на која со лика и прилика се чекираа сите осомничени за сериозни кривични дела, за да не присуствувам на таква лакрдија. Па навистина, не мислевте белким дека ова е тоа, нормалното свечено отворање на новиот објект на Македонска филхармонија?!

Нека не се навредуваат поддржувачите на идеологијата на ВМРО ДПМНЕ, но раководството и сите околу нив што дебело се нафатираа и се омрсија , партијата ја претворија во криминална организација на која може да и позавидат и некои познати мафии низ светот. Затоа, расчистете си во вашите редови, наместо да ги убивате гласниците.

Нема ништо свето во четирите букви што ги прогласувате за свети. Историјата тоа го покажува. Поделбите, братоубиствата и ликвидациите се историската нишка која ги поврзува сите организации со овој предзнак. Меѓу другото.

Ако може да се испере срамот , тогаш имајте барем еднаш во животот доблест. Отсрамете се и поднесете си оставки!

Тоа го заслужуваат вашите поддржувачи.

Другите, одамна знаеме дека немате ниту морал, ниту чувство за одговорност, ниту срам.

Срам да ви е !         

 

АКО.мк