Возот кој во сабота(14.01.2017) тргна од Белград кон Косовска Митровица рано утрово околу 4 часот се вратил во Белград.

На патувањето долго 19 часа, возот тргна вчера околу 8 и 30 со благослов на премиерот Александар Вучиќ и Владата на РС.

Но,  беше застанат попладнето околу 16 и 30 во Рашка , последна станица пред административната граница со Косово, каде  патниците поминаа 4 часа, по што околу 20 часот возот тргна назад кон Белград.

Во меѓувреме дури патниците чекаа во возот, Вучиќ одржа драматична прес конференција на која не беа дозволени прашања.

Тој во негов стил, објави дека косовските специјални сили и Албанци се обиделе да ја минираат пругата и дека на административната линија испратиле полиција да ги уапсат машиновозачот и патниците.

Од друга страна, за време на обраќањето на Вучиќ, патниците и многубројните новинари кои беа во возот на своите мобилни телефони во живо го следеле српскиот премиер за да дознаат дали  ќе продолжат кон Косовска Митровица.

Вучиќ со гордост, како што рече, објави дека издал наредба возот да застане во Рашка со што спречил поголем инцидент. Тој им се обрати на косовските Албанци да не помислат да убијат некој Србин, со зборовите – не се заканувам, молам да не помисли некој да убие некој Србин.

Исто така најави дека за овој невиден инцидент, според него, со кој им се оневозможуваат основните човекови права на косовските Срби да патуваат со железница, ќе ги извести сите меѓународни институции и руската амбасада во Белград.

По обраќањето на Вучиќ, патниците со автобус тргнаа назад кон Белград, а новинарите и некои владини функционери и политичари се вратија со истиот воз .

Инаку, за време на четиричасовното чекање на станицата во Рашка таму пристигнаа членовите на КУД ,,Копаоник,, од Лепосавиќ, кои во народни носии и со српски знамиња во возот испееа неколку народни песни чија содржина е Косово.

На возот на неколку јазици е испишана парола ,,Косово е Србија”.

Претседателот на Косово Хашим Тачи на Министерот за полиција му издал наредба по секоја цена да го спречи влегувањето на српскиот воз во Косово.

Косовскиот премиер Иса Мустафа изјави дека ова што се случи со возот од Србија е смислена провокација за да се дестабилизира ситуацијата на Кососво.

Извор: агенции, Н1