Српски медиуми шират лажни и опасни информации за политичката криза во Македонија

Голем број српски медиуми своите информации околу политичката криза во Македонија по објавување на Платформата на политичките партии на Албанците, а посебно по договорот за коалиција со СДСМ, шират непроверени,  лажни, измислени или полувистинити вести.

Српската медиумска заедница посебно се ,,пали“ на вести кои се однесуваат на прашања за Албанците, па не ретко прибегнуваат кон непроверени вести,  а во голема мера и со негативна пропагандистичка конотација, само што повеќе да се оцрнат тие во српската јавност.

Една од последните неточни, тенденциозни  и во голема мера измислени информации е објавена на веб страницата на ТВ Б92.

Веста со наслов ,,Заев подготвен да ја тужи Србија за геноцид над Албанците“, пренесуваат наводна изјава од портпаролот на ДУИ Бујар Османи дека СДСМ е подготвен да гласа за тужба против Србија за геноцид над Албанците меѓу двете светски војни.

И насловот и пренесената изјава се чиста измислица и спин, бидејќи ние, кои живееме овде и сме ја чуле изјавата на Османи, знаеме што точно кажа. Воопшто, досега во ниту една изјава никој не споменал некаква тужба против Србија за геноцид, туку се работи за разгледување на тој период од историјата и разговор за тоа дали има историска основа да се осуди некаков геноцид врз некого.

Понатаму, медиумот пренесува дека минатата година во дворот на семејната куќа на Ахмети биле пронајдени остатоци од луѓе, скелети, кои наводно припаѓаат на убиени Албанци во овој период. Дека станува збор за тотално непознавање на работите и вести кои имаат злонамерна содржина, говори и тоа што авторот не знае дека Зајас не е тетовско село.

Во изминатиот период, всушност во голем дел српски медиуми владее вистинска хајка против лидерот на СДСМ Зоран Заев, поттикната веројатно од кругови во Македонија. Непроверени и тенденциозни информации објавува дури и државната телевизија РТС, која во минатото се потпираше на информациите што и ги пласираше една новинарка од ТВ Сител.

АКО.мк