ССНМ:Менаџерскиот тим е виновен за згаснувањето на ,,Дневник“

Згаснувањето на еден од првите независни весници во Република Македонија е уште еден клинец во ковчегот со кој цела деценија се погребува новинарството во државава. Да потсетиме, „Дневник“ престана да излегува само месец и половина откако истата судбина ја доживеаа „Вест“ и „Утрински“, дневни весници што беа под капата на ист издавач.
Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) смета дека главен виновник за урнисувањето на медиумската куќа „Медиа принт Македонија“, којашто раководеше со овие весници, е менаџментот и тоа од повеќе причини.
Луѓето што ја водеа куќата наместо со време да се прилагодат на новите трендови во медиумскиот бизнис, тие сервилно ѝ слугуваа на политиката со што буквално не им дозволија на новинарите професионално да произведуваат новинарски содржини и со нив рамноправно да се напреваруваат на пазарот.
Колегите беа оневозможени да прават весници што публиката ќе сака да ги купува и да ги чита.
Дополнително, во меѓувреме јавноста дозна дека МПМ во истиот период ислаќала неоправдано висока плата на еден од своите управители, со што финансиски се исцрпувала куќата до колапс. Токму поради сомневањата за намерно финансиско исцрпување на компанијата ССНМ им поднесе кривични пријави на поранешните управители Јана Станисављева и Срѓан Керим.
Единствен начин оваа медиумска трагедија да не се повтори е политиката да ги тргне рацете од медиумите и буквално сите новинари и медиумски работници солидарно да реагираат и да се борат секогаш кога и во најмала мера ќе бидат доведени во прашање слободата на изразувањето и достоинствените услови за работа во медиумите.