Ставридис: Македонија ќе биде следната земја -членка на НАТО

Македонија е следната земја која ќе се приклучи кон НАТО-алијансата, рече поранешниот командант на Алијансата, Џејмс Ставридис, и додаде дека  ова ќе биде следниот чекор кон обединување и зајакнување на Балканот.

“Се надевам дека Грција ќе може да го реши спорот со името со Македонија, што ќе ја отвори вратата за Македонија да стане дел од НАТО и мислам дека Македонија ќе се приклучи кон Алијансата”, рече Ставридис за Гласот на Америка.

Според неговите зборови, ова ќе биде следниот чекор кон обединување и зајакнување на Балканот.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс, во име на претседателот Доналд Трамп, претходно овој месец, во телефонскиот разговор со премиерот Зоран Заев ја потврди поддршката за евроатланската интеграција на Македонија.

“Пенс рече дека САД продолжуваат да ги поддржуваат евроатлантските аспирации на Македонија и го охрабрува Заев да продолжи со реформите што ќе го забрзаат патот на Македонија во таа насока”, беше објавено од Белата куќа.