Стотици еколошки жешки точки во Скопје непокриени заради неусогласена надлежност на инспекциите

Државниот инспекторат за животна средина во последниве десеттина дена направи повеќе теренски контроли на територијата на скопските општини, посебно во Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба.

„Се реализираа ноќни обиколки по јавувања на граѓани, при што се утврдија многубројни палења отпад на отворено, кои покрај загадувањето на воздухот, претставуваат и опасност за безбедноста на граѓаните. Загадувањето доаѓа и од неконтролирано користење несоодветни горива во индивидуалните куќи и во помали индустриски капацитети, кои се под надлежност на локалната самоуправа“ – изјави директорот на Инспекторатот за животна средина, Мирослав Богдановски.

Констатирано е дека итно е потребно координирање на инспекциите за животна средина, за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето на населението и на животната средина. Постои извесна неусогласеност во дејствувањето на Државниот инспекторат и локалните инспекторати, што создава празнини и непокриеност на стотици постојано жешки еколошки точки. Особено е алармантна состојбата во Скопје, каде што дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а резултатите се незадоволителни.

„Заради оваа цел, нагласува Богдановски, наредниот понеделник, на 6 ноември ќе се одржи координативен состанок на повеќе институции што се задолжени за заштитата на животната средина во Скопје – Министерството, Државниот инспекторат, градскиот и општинските инспекторати, како и сите скопски градоначалници, кои го иницираат овој проблем како приоритет во своите програми“.

Тој тврди дека во Државниот инспекторат за животна средина, а верува и кај останатите,  постои цврста решеност оваа година Скопјани да дишат помалку загаден воздух.