Тарчуловски,Пешевска и Димовски во куќен, а Василевски,Мукоски и Арнаудов во затворски притвор

Кривичниот суд денеска му одреди затворски притвор на пратеникот Сашо Василевски, додека на  пратениците Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, им одреди мерка куќен притвор.

Претходно, пратениците Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски во придружба на полициски службеници го напуштија Кривичниот суд и со полициски комбиња беа однесени во пртивор, затоа што за нив веќе беше одредена мерка притвор во претходна постапка, но се чекаше одземањето на пратеничкиот имунитет.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно произнесување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор и му определи мерка куќен притвор“, се наведува во соопштението од Кривичен суд.

Против овие неправосилни решенија, како што велат од Судот, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет  во рок од 24 часа по приемот на решенијата.