Тајната средба на Никола и Јоханес

Еден ден откако си замина еврокомесарот Јоханес Хан од Македонија, останува нејасно каде и кога се одржала средбата со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Само таа средба не беше регистрирана од фоторепортерите или снимателите, а новинарите што ги следеа останатите средби на еврокомесарот со политичките лидери во Собрание на РМ , велат дека тие немале можност во времето кога наводно се одржала средбата според соопштението на ВМРО ДПМНЕ (во 20 и 45 минути на 09.02.2017) да ги видат, бидејќи обезбедувањето не им дозволило движење до просториите на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ во законодавниот дом. Од обезбедувањето на Собрание на РМ им било пренесено дека Груевски нема да даде изјава и не сака да се снима состанокот.

За новинарите е невообичаено и однесувањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој застана пред пултот да дава изјава по средбата со Хан. Тој дури, некарактеристично за него, бил отворен за прашања и за разговор со новинарите потоа. Али Ахмети никогаш нема дадено изјава во Собрание, а ретко доаѓа на пленарни седници. Инаку, тој од 2002 е пратеник, а е еден од најнередовните, заедно со Мендух Тачи.

Фотографијата што ја лиферуваше ВМРО ДПМНЕ за средбата на Никола Груевски со Јоханес Хан е од 14 октомври 2016, направена  при претпоследната посета на Хан, кога во седиштето на партијата констатирале дека се исполнети условите за предвремените парламентарни избори. Исто така ,  од претходните средби на Груевски со странските амбасадори, се објавуваа долги соопштенија со детали кои излегуваат од стандардната практика. Сега, информациите за тоа што тие  наводно разговарале, ги дознаваме посредно, преку брифирање на порталот Република од страна на директорот на центарот за комуникации Иво Котевски, а потоа тоа беше поставено на официјалната интернет страница на ВМРО ДПМНЕ.

Тајноста на средбата Груевски – Хан е неприфатлива. Отаму се наметнува дилемата што сакале да сокријат од македонската јавност?

Зошто Јоханес Хан, како претставник на ЕУ, се согласил да разговара со еден од политичките лидери без да се регистрира средбата официјално од медиумите, како што тоа беше случај со сите останати средби.

Како ќе ја уверат сега македонската јавност дека нема ништо задкулисно и дека се е чисто и транспарентно, како што тоа е случај со разговорите со сите други политички лидери.

Зошто Хан му дава специјален статус на Никола Груевски и зошто со него беше планирана средбата последна? Дали може да не разубедат дека тоа не е заради можноста Хан да ги ислуша другите што имаат да кажат и сознанијата за тоа каде се движи политичкиот процес да му ги пренесе ексклузивно на Груевски? Што всушност, и не е непознато за него. Тој има и други начини се да дознае. Се уште.

Дали е точно дека средбата на Јоханес Хан се одржала во хотелот Мериот, каде што беше сместен еврокомесарот и дека тоа всушност била заедничка вечера?

И сега, кога главните актери во театарската претстава ,,Божем преговараме“, со мистификацијата на она што требаше да биде политички протокол, го изместуваат тежиштето на проблемот зад параваните, тогаш да знаат дека го отвораат и просторот за шпекулации и барање одговори.

Па, ако се впуштиме во теориите на заговор, можеме да помислиме дека не е случајно однесувањето на Артан Груби во последното интервју, кога изнесе небулозно барање до СДСМ да достави и персонален состав на идната влада, точно по ресори, а не само писмена гаранција за програмата  и користење на албанскиот јазик како втор службен.

Очекуваме да побара број на чевли и какви лични навики имаат идните министри.

Али Ахмети не сака коалиција со Зоран Заев. Тоа е јасно. Тој силно посакува да продолжи политичкиот брак со Никола Груевски. И во тоа нема дилема.

Нивната крајна цел се нови избори, но тие што ќе ги организираат. Погодувате зошто.

Повикот на Ѓорге Иванов до Јоханес Хан да се вклучи поактивно во решавање на политичката криза, мене сега ми личи како повик за негова интервенција на враќање на Ахмети во прегратките на Груевски и на Мијалков. Секако, не помисливте белким дека Иванов би повикал на нешто друго, освен на Влада предводена од Никола Груевски, по секоја цена.

Но, она што исто така сега може да се постави како дилема и што еднакво загрижува, е улогата на ЕУ во политичките процеси во Македонија. Колку таа е искрена и балансирана кога станува збор за политичките лидери во Македонија. Судејќи по нивниот претставник Јоханес Хан.

Овие прашања си ги поставуваат барем оние МАЛЦИНСТВО МАКЕДОНЦИ, кои не се дел од МНОЗИНСКАТА ЗАЕДНИЦА МАКЕДОНЦИ кои гласале за ВМРО ДПМНЕ.

Поделбата е според житието на Груевски, или како Груевски ја разбира демократијата и процесот на гласање.

Подели по сите основи, па владеј!

Но, навистина, кога и каде се одржа средбата Груевски-Хан?!

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА