Тевдовски:Програма за економски реформи во соработка со Европска комисија

Реформи што ќе ја придвижат земјата напред треба да содржи новата Програма за економски реформи за периодот 2018-2020 година што треба да ја спроведува Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ. Македонија е прва од регионот која го започнува овој четврт циклус на реформи.

Ова беше посочено на денешниот иницијален состанок за Програмата за економски реформи во Скопје.

– Во првата недела од промените веќе се случува настан со кој започнуваме процес на планирање реформи во периодот 2018-2020 година.  Има позитивни сигнали од ЕК за поддршка и многу е важно што имаме поддршка од еден стратешки партнер како ЕУ, бидејќи новата реформска Влада пред себе има огромен товар за реформи, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој додаде дека ова ќе претсавува основа за клучните реформски процеси на Владата кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ.

– Со овој процес Европската комисија дава вистинска насока за реформите и ги поттикнува земјите на Западен Балкан интензивно да работат на економскиот раст и конкурентноста. Затоа сакам да им упатам благодарност, бидејќи ако не постојат насоките на ЕУ за реформи, владите од Западниот Балкан многу често преземаат активности кои не се во интерес на мнозинсството граѓани, туку на мали елити. Затоа препорачувам уште посилен фокус на социјалната кохезија во рамки на процесот на реформи, истакна Тевдовски.

Според него, имајќи предвид дека Македонија поминува четврт пат низ овој процес, потребно е да се имплементираат научените лекции од минатите години, да се подобри онаму каде каде што сме биле послаби, а уште повеќе да се зајакнат добрите страни. – Денес Македонија се наоѓа на бран на промени и неопходни се реформи за земјава да се придвижи напред, рече Тевдовски.

Вилем Ное од Директоратот за соседска политика и преговори за проширување на ЕК порача дека во новата програма треба фокусот да се стави на регулаторната реформа и функционирањето на пазарот, а помалку внимание да има на јавните инфраструктурни инвестиции што заземаа значаен дел од минатогодишната програма.

Според него, со менувањето на владата не треба нешто да се менува, и оти треба да се утврдат главните пречки и ограничувања и да се утврди на кои главни проблеми ќе им се даде приоритети.

Истакна дека во четвртиот циклус треба вниманието да помине од мониторинг и набљудување на она до каде се исполнети мерките.

Според Маржена Кисиелевска, раководител на одделот за Југоисточна Европа во ОЕЦД со новата Влада има нов почеток и претставува перфектен тајминг за Македонија да се видат мерките што се избрани за да се спроведуваат и кои се целите во однос на економскиот раст.

– Најважно е да се спроведат реформите и клучниот фактор на кој треба да се фокусирате оваа година е спроведување на реформите, порача Кисиелевска и додаде дека успехот на економската програма не се мерки колку совршени документи ќе се обезбедат, туку и на тоа што се случува во земјата.

Идејата, како што посочи, е со реформите земјата да стане поконкурентна не само во теоретска смисла и да се утврдат критериумите за привлекувње инвестиции кои носат промени и додадена вредност.

Во процесот на привлекување инвестиции и нивно задржување, порача, важна е доследноста на политиките и целокупниот пристап на Владата и посредувањето.