Тодор Гечевски го игра својот последен меч

Преземено од gol.mk, Тодор Гечевски заминува од кошаркарските терени, вечерва го игра последниот меч во својата кариера.

Неуморниот борец под обрачите и човекот кој е еден од најзаслужните за издигнувањето на македонската кошарка на нивото на коешто е сега, Тодор Гечевски, вечерва (19.00 часот) ќе го одигра својот последен кошаркрски танц.

Русокосиот кавадарчанец кој е висок 209 сантриметри ќе биде дел од составот на Работнички на ревијалниот меч против Фенербахче и пред македонската публика официјално ќе и каже збогум на кошарката од која беше дел две децении. Популарниот Тоше зад себе има кариера каква што секој би посакал. Дваесет години во кошарката – сепак, не се малку!

„Клучот на мојот успех е упорноста. Не планирав да станам кошаркар. Почнав да тренирам на 8 години, на 11 веќе почнав посериозно, меѓутоа првите помисли дека ќе станам кошаркар се во средно училиште. Успехот со кадетската репрезентација ми отвори многу врати и тогаш сфатив дека кошарката би можела да биде мојот живот“, е изјава на Гечевски поврзана со стартот на неговата кошаркарска кариера.

mlad-gecevski

Човекот кој е синоним за македонската кошарка беше откриен од страна на Димитар Пецов, популарниот „професор“ од Кавадарци од чија „работилница“ излегоа и Врбица Стефанов, Ристе Стефанов и Горан Самарџиев. Во Гечевски тој виде кошаркарски „бисер“ и реши да му даде шанса да дебитира во првиот тим на КК Тиквеш на само 16 години.

„То­ше де­би­ти­ра­ше во пр­ви­от тим на 16 го­ди­ни. Си­те ми ве­леа де­ка е рано, но јас бев упо­рен. По­тоа сѐ се знае. И ден де­нес сме од­лич­ни, бли­ски. Ко­га до­а­ѓа на кра­тко, пи­е­ме ка­фе, ко­га има по­ве­ќе вре­ме се знае, на езе­ро, а тоа зна­чи ри­ба­ре­ње. Си­те зна­ат де­ка То­ше са­ка ри­бо­лов, но мо­рам да ви откри­јам де­ка тој е, на­ви­сти­на, од­ли­чен ри­бар“, вели Пецов во интервју за магазинот „Република“.

gecevski-profesor

Центарот во редовите на Тиквеш настапуваше четири години и се изгради како кошаркар. Со клубот успеа да освои една титула во Купот на Македонија, а потоа замина во Никол ферт каде за првпат стана шампион во македонското првенство и вторпат му се радуваше на трофејот во купот. По Никол Ферт од Гостивар, Гечевски кратко играше за МЗТ, па пак се врати во Никол ферт, за потоа да замине за Италија каде го носеше дресот на Авелино и каде настапуваше една сезона. Во 2003 година нашиот кошаркар кратко беше дел од германски Хаген и македонски Работнички, со кого успеа да стане првак на Македонија вторпат во својата кариера.

gechevski-zadar

Најголемиот успех на клупски план Тоше го изгради во хрватски Задар, каде настапуваше од 2004 до 2009 година и освои вкупно пет трофеја. Воедно, поради добрите игри во хрватскиот тим Гечевски се најде и во идеалниот тим на Еврокупот во сезоната 2008/09. Хрватите уште ги памтат неговите игри, а пофалните зборови од „градот кој живее за кошарката“ доаѓаат од сите страни. Благодарение на добрите игри на Гечевски, Задар дојде до прва титула по 19 годишна пауза.

По Хрватска, за центарот следеше настап за грчки ПАОК, а потоа дојде враќањето во Македонија, поточно во редовите на МЗТ Скопје, во чиј дрес настапуваше кога клубот ја испиша својата најголема историја.

gecevski-mzt-trofei

Како „штрк“ Гечевски трипати ја освои двојната круна во македонското првенство и воедно со првите сезони на тимот во АБА-лигата дојде до историја во регионалното натпреварување – најдобар скокач на сите времиња (1.314 скока), како и играч со најмногу индекс-поени во АБА (3.212).

Кога во 2014 година реши да им стави крај на неговите настапи во АБА-лигата, Гечевски доби и достојно испраќање од навивачката група на клубот, „Фемили Аеродром“, кои го „одјавија“ од регионалното натпреварување со НБА-кореографија на дуелот против Раднички во СЦ „Борис Трајковски“.

Последната играчка сезона во кариерата Гечевски ја мина во најтрофејниот македонски клуб, екипата на Работнички, каде е и денес и каде работи како координатор на младинските категории.

todor-gecevski-1

Вреди да се напомене дека Гечевски беше пријавен за настап и минатата сезона, но Работнички реши да не го искористи.

gecevski-1-624x396

На репрезентативен план, пак, нема што премногу да се пишува, сè е јасно – Гечевски е еден од најдобрите кошаркари во историјата на Македонија. Зад своето име тој има натпревари почнувајќи од младинските конкуренции и Б-дивизијата, па се до Европските првенства.

Русокосиот центар во репрезентацијата беше од 1996 година до 2013 година и настапи на сите големи натпреварувања. Играше со иста желба и мотивација и против гиганти како Шпанија и Литванија, но и против земји кои лесно ги „мачкавме“, како на пример Ирска, Луксембург, Австрија, Исланд и Кипар. Без разлика дали бил уморен од напорната сезона или имал незалечена повреда, високиот центар беше во првите борбени редови на националниот тим. Тренерите секогаш го фалеа, а тој даваше 100% за светиот дрес. Па дури и кога работите беа сериозни – тој никогаш не и го сврте грбот на Македонија.

e89c8fa8-e8bc-48b5-9bb8-db053eb8eaaehuge_h

Популарниот Тоше беше еден од лидерите на репрезентацијата во блесокот на ЕП 2011 во Литванија и освојувањето на историското четврто место, а најмногу се истакна во победите над фаворизираната Хрватска (78-76) и „лутиот ривал“ Грција (72-58).

315631_262721793760388_423996819_n

На мечот од групната фаза против Грузија кавадарчанецот заработи скршеница на левата рака и му беше соопштено дека за него е завршено ЕП, но сепак, тој молеше за да игра и беше решен да биде дел од составот, што беше голема мотивација за македонските кошаркари да го покажат своето вистинско лице на паркетот и да „изгинат“ за стариот лисец Тоше кој беше приморан да ги пропушти најважните средби за нашиот национален состав.

gecevski-1-624

Гечевски по извесен период заздраве и се врати меѓу „жолто-црвените“, но не успеа на нашата селекција да и помогне да обезбеди историски пласман на Олимписките игри кои во 2012 се одржаа во Лондон. По фијаското против Доминиканска Република следеше откажување од националниот тим на неколку искусни кошаркари, меѓу кои беше и Тоше.

„Испуштивме убава можност во Каракас да направиме историски успех. Ќе беше одлично како врв на мојата репрезентативна кариера да имав настап на Олимпијадата. Едно лошо полувреме против Доминиканците ги уништи нашите соништа. Останува на помладите да продолжат по тој пат и да ги следат своите желби, за мене во Kаракас беше крајот на настапите во репрезентацијата“, изјави тогаш искусниот кошаркар.

gechevski-sms

Но, неговата кошаркарска приказна со Македонија не престана тука. Желбата да игра во дресот на нашата држава Гечевски уште еднаш ја покажа во 2013 година кога по барање на македонсакта нација, но и неговите колеги Мекејлеб, Илиевски и Антиќ, кој лично инсистираше за негово враќање во репрезентацијата преку СМС-порака, ја „одложи“ репрезентативната пензија и настапи на ЕП 2013 во Словенија.

Настапот на нашите кошаркари во „Подмежкала“ не беше сјаен – од пет меча во групната фаза загубивме четири, поради што го освоивме 21. место од вкупно 24 репрезентации. Но и покрај тоа, потегот на Гечевски е голем, затоа што тој не само што покажа дека е голем професионалец, туку стана вистински пример на останатите генерации како треба да се сака својата држава. Камбекот на еден од најдобрите кошаркари во историјата на Македонија не остана незабележан и од страна на организаторот, кој на својот официјален фејсбук-профил по крајот на настапите на Македонија напиша порака посветена до Тоше – „Не треба да победиш за да ги освоиш нашите срца. Ти благодариме. Беше наша чест да те угостиме во Словенија!“.

gecevski-fiba.jpg

Токму поради неговиот професионализам и љубовта кон државата, Гечевски според статистиката е кошаркар кој зад своето име има најмногу настапи во жолто-црвениот дрес – вкупно 89 меча. Целиот труд и залагање на кавадарчанецот трипати му ја донесоа наградата најдобар играч на Македонија која ја доби во 2005, 2006 и 2007 година. Исто така, зад своето име тој има и награда за МВП во домашната лига со која се закити во 2012 година.

Вкупното потрфолио на Тоше како кошаркар е импресивно и тој важи за еден од најтрофејните македонски кошаркари во историјата. Вкупно, центарот има пет титули во македонското првенство (2000, 2004, 2012, 2013, 2014), две во хрватското првенство (2005 и 2008), шест во Купот на Македонија (2000, 2004, 2012, 2013, 2014, 2015), како и три во Купот на Хрватска (2005, 2006 и 2007) – успех со кој ретко кој домашен кошаркар може да се пофали. Исто така, Гечевски е и сопственик на „Медал за заслуги на Македонија“, врачен лично од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.

Тоше, Маестро, голем човеку, уживај во последниот кошаркарски валцер.

Фала ти за се!