Томе Аврамски: Груевски и Мијалков го направија најголемиот криминал и корупција во македонската историја(ВИДЕО)

Сашо Мијалков и Никола Груевски ја прислушуваа целата држава, бидејќи тие направија фамилијарна тајна полиција. Целта им беше сите да ги прислушуваат, а јас сум бил најприслушуваното лице. Најголемиот криминал и корупција во македонската историја е направена од 2006-2016, тврди Томе Аврамски.

Имавме втор државен удар, а првиот беше Дива населба. Мијалков ги плати терористите на Харадинај да тргнат на Македонија, тој им исплати 5 милиони, но овие се полакомија и бараа десет. Договорот беше да влезат во Куманово, но само да пукаат, да не убијат никого. Да се смени фокусот на интерес од Шарена револуција и бомбите, вели Аврамски. Но, Мијалков беше  толку глупав, и еве ќе кажам, бидејќи лично ги познавам двајцата инспектори, изнесоа се и му ги дадоа сите снимки на Верушевски, а овој на Заев-тврди беровчанецот Томе Аврамски во интервјуто.

Томе Аврамски, Македонец од Берово, гостуваше во емисија на српската Тв Хепи, во емисијата ,,Гол живот“, кај новинарот Миломир Мариќ. Повод за разговорот е книгата на Аврамски, кој бил добар пријател со Жељко Ражнатовиќ-Аркан, ,, Божјиот син-вистината за Аркан“.

Но, во интервјуто, кое трае речиси два часа, Аврамски открива шокантни и непознати за пошироката македонска јавност, детали за политичко-подземните врски во Македонија и Србија, но и меѓу двете земји.

Раскажува за неговата блискост со Киро Глигоров, Борис Трајковски, Велибор Џаровски-Џаро, Аркан, Тома Фила, Владо Камбовски, Љупчо Георгиевски….

Аврамски признава дека преку него се одвивал шверцот со нафта за време на ембаргото во деведесетите години, тој лично му ги носел подароците на Глигоров кои ги испраќале пријатели од Белград.

Томе Аврамски бил главен финансиер и главен и одговорен уредник на неделникот ,,Сведок“, го издавал преку Хела прес. Весникот излегуваше десетина години, а според него,  пишувани се статии според изворни информации добивани директно од безбедносните служби.

Тврди дека зад атентатот на Киро Глигоров, стојат бугарско-грчките безбедносни служби. Според Аврамски, Борис Трајковски загинал заради грешка на француските контролори на летање и  тука не станува збор за атентат. Тој бил близок пријател и со Трајковски.

Открива дека еден ден пред загинувањето на Трајковски биле на ручек, на кој присуствувале и Љупчо Георгиевски, Доста Димовска и секако Томе Аврамски. Тврди дека Трајковски требало да патува еден ден порано за Мостар, но го одложил патувањето за да присуствува во касарната ,,Маршал Тито“ , на заклетва на војник, кој бил син на пријател.

Открива дека прислушувањето за време на премиерувањето на Љупчо Георгиевски било наредено од него. Георгиевски ги прислушувал и Трајковски и тогашната опозиција на чело со Црвенковски. Аврамски дури тврди дека тој го наместил тогашниот шеф на обезбедувањето на Трајковски и тој лично побарал веднаш да биде сменет бидејќи го кодошел тогашниот претседател кај Георгиевски (мисли на Кецкоски).

Финансирал повеќе политички кампањи во Македонија.

Отворено зборува за сите свои легални и нелегални бизниси.

Томе Аврамски бил претставник на некогашниот југословенски гигант Генекс, а работел долги години во Русија.

 

 

На интернет  може да се најдат малку информации за Томе Аврамски. Еве една од 2011:

,,Канал 5 селектира медиуми , поништува договори за рекламирање ,како што тврди сопственикот на неделникот „Сведок„ Г-дин Томо Аврамски. Неделникот „СВЕДОК„ преку својот законски застапник договорил закуп на рекламен простор со Канал 5 Телевизија, пренесува OhridSky.com. Насловната страница за оваа недела на “Сведок” е со ликот на Сашо Мијалков, а во неделникот имало долг текст во врска со братучедот на премиерот. По договорот Канал 5 на фирмата издавач на неделникот Сведок АВАЛА ДОЈЧО ДОО Берово испраќа профактура под број 04/11/11, од 4-11-2011 година на сума од 54427,50денари , на име закуп за рекламен простор за период 04-11 до 05-11-2011 година . По добиената уплата Томо Аврамски врши уплата на 4-11 -2011 година преку Уни Банка филијала Берово , со што ја исполнал обврската по профактурата која Канал 5 Ја испратил до Авала Дојчо ДООЕЛ Берово.“

АКО.мк