,, Трезор ” за богатење на контраразузнавачи

Специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека Трезор е случај за економски криминал кој произлегува од прислушуваните разговори.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која ги образложи сомневањата рече дека станува збор за груба злоупотреба на средствата од Буџет на РМ. Фетаи потенцираше дека станува збор за пари на сите граѓани, но од доказите произлегува сомнение дека функционери на владејачките партии ги искористиле за лично богатење.

За ова дело се осомничени три лица вработени во Управа за безбедност и контраразузнавање, кои во содејство со едно лице вработено во службите на МВР, а злоупотребувајќи ја службената положба, обезбедиле противзаконска имотна корист за соптвеникот на приватна фирма во сопственост на Коста Крпач, ДКУ ФИНЗИ ДООЛ во износ од 862 045 евра, со што е сторена директна штета на Буџетот.

Обвинителката Фетаи нагласи дека предметот е во истражна постапка со основано сомневање. Лоцирани се две точки со кривично правни дејства, а од доказите од предистрагата се гледа дека дејството се одвивало од јули 2010 до крајот на 2012, кога првите три осомничени лица ја злоупотребиле својата службена положба со префрлање на првата транша пари во иознос од 570 045 евра.За четвртоосомничениот постои сомневање дека како службено лице во МВР им помагало во намерата свесно и со умисла.

Првите тројца кои се осомничени за набавка на опрема за МВР отпатувале во Велика Британија каде оствариле состанок со едно правно лице и договориле набавка на опрема за потребите на 5 та Управа. Но, наместо набавката за опремата да биде направена директно, тие ја реализирале преку наведеното правно лице, кое е во крвно сродство со третоосомничениот. Правниот субјект е регистриран во Америка .

Откако се вратиле во Македонија, тие усно му наложиле на вработениот, четврто осомничен, да постапи спротивно прописите од соодветен Закон.