Трета недела штрајк на грчките земјоделци го блокира граничниот премин Евзони

Штрајкот на грчките земјоделци, кои го блокираат граничниот премин Евзони од грчка страна, влегува во третата недела. Сообраќајоте кон Грција на Богородица е затворен за сите видови возила, а кон оваа земја може да се оди само преку Меџитлија и Дојран, каде од утрината нема чекање за патничките возила, но товарните чекаат со часови. Превозниците се жалат дека трпат голема штета.

Конфедерација на слободни синдикати веќе испрати допис и до Европска комисија и до грчката влада и синдикати, предупредувајќи ги за големите штети што ги трпат транспортерите и заканувајќи им се со реципрочни мерки:

„КСС не го доведува под прашање правото на изразување на протест,  меѓутоа одбраните локации за повеќе од 10 дена блокирање премини помеѓу двете држави не може да биде прифатено како целосно легитимно користење на правото на протест, затоа  што со таквиот начин на протестирање веќе е нанесена огромна штета на економијата на Република Македонија и особено на голем дел од претпријатијата кои се најдиректно оштетени . КСС има право да се сомнева дека грчките земјоделци веројатно и сосема несвесно се злоупотребени бранејќи сопствено право да нанесат огромна штета на субјекти и во сопствената земја, а особено во Република Македонија кои немаат ништо допирно со институциите во Република Грција кои имаат надлежност на нивните проблеми”, се вели во писмениот допис.

Синдикалците предупредуваат дека доколку не се реши проблемот , со иста мера ќе биде возвратено. Тие   размислуваат  за блокирање на граничните промени кон Република Грција за време  на туристичката сезона.