Трето издание на книгата „Светулка за Ханука“од Томислав Османли

 

 

Повестите од прозната книга на Томислав Османли посветена на животот и на страдањето на Сефардите од Балканот и од средоземниот регион, доживеаa голем број меѓународни објави.-  Книгоиздателството „Икона“ од Скопје го објави новото издание на збирката јудео-балкански раскази и новели.

Деновиве под логото на издавачката куќа „Икона“ од Скопје, од печат излезе третото македонско издание на книгата „Светилка за Ханука“ од Томислав Османли. Книгата соржи девет прози, колку што свеќи или кандила има обредната ламба или свеќникот за Ханука, еврејскиот Празник на светлината. „Светилка за Ханука“ е збирка раскази и новели на еврејски теми кои се случуваат во меѓувоениот и воениот период пред сѐ во Македонија, поточно Битола, Штип и Скопје, но и во Белград, Варшава, Атина, Софија, Солун, на островот Закинтос како и на просторот на географскиот и на фикцискиот, „небесен“ Ерусалим доловен како претсмртна апотеоза на еден скромен метлар од Битола, во една од прозите на книгата во која парадираат галерии како од историски познати, така и од мали, анонимни луѓе.

Овие раскази и новели на македонскиот автор беа објавувани во низа списанија, портали и гласила: во Полска, САД, Србија, Хрватска, Грција, Белгија, Турција, Аргентина… при што сефардското списание „Los muestros“ кое се појавува во Брисел, во текот на двегодишни континуирани објавувања ја публикуваше целата книга на Османли во високотиражни објави на англиски јазик, а еден нејзин дел, одново, и на Ладино, или на Јудео-шпански , јазикот на Евреите Сефарди,  во преводите на госпоѓа Sharope Blanco. Главниот уредник на ова списание како и на мрежата Sefarad.org, писателот и публицист Moise Rahmani  во својот осврт кон книгата напиша: „Авторската нарација е огнена, неговиот тил запаллив. Зборовите белеат слики во кои читателот навлегува и улествува. Томислав Османли восхитувачки ги доловува ситуациите, ликовите. Кога еднаш се отвора, оваа книга повеќе не се напушта. Таа светлина нѐ осветлува, нѐ просветлува и нѐ тера да зрачиме.

Минатата година, благодарејќи на тие оценки и афирмации на прозите од книгата, македонскиот автор беше поканет на значајниот биенален собир “Kisufim”, Книжевната конференција на еврејските писатели во Ерусалим, кадешто Османли имаше неколку исклучително забележани авторски настапи. На овогодишниот Саем на книгата во Солун, овој дел од творештвото на нашиот писател беше претставен од страна на двајца солунски интелектуалци, писателот и уредник на книжевното списание „Енекен“,  познатиот грчки поет Jorgos Janopoulos, како и публицистот и историчарот на холокаустот од  D-r Paul Hagouel. При тоа на мајскиот саем на книгата во Солун, од македонската збирка раскази и новели посветени на холокаустот, беше промовиран и беа читани одломки од раскaзoт „Раката на ХеВХаЈ“ којшто од англиски на грчки го преведе Toula Papapandu.

За прв пат книгата ја објави книгоиздателството „Форум“ од Скопје во 2008 година. Уредникот на „Форум“ Ѓунер Исмаил се определи за објавување на двојазично издание, на македонски и на англиски јазик на кој преводот го реализираа Љубица Арсовска и Prof. Peggy Reed. Во просториите на Еврејската заедница на Македонија која едновремено и го поддржа преводот на збирката раскази и новели, во присуство на одбрана публика, книгата ја промовираа писателот  Проф. Благоја Иванов и Проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска, на вториот ден од, инаку, осумдневниот Празник на светлината.  Уште едно издание на книгата „Светилка за Ханука“ овој пат на српски/хрватски јазик, во превод на Љупчо Силјановски во 2009 година беше промовирано на „Limmud keshet” големиот собир на еврејските заедници од регионот кој таа година се одржа во Суботица.

Инаку, историските позадини на „еврејската книга“ на Османли се пишувани со голема, веќе многу пати потврдена точност, како во однос на историските настани и личности, така и на културните и факти од животот на Сефардите, кои се обработуваат во нејзините девет прозни содржини. Таа содржи и речник со објасненија на помалку познатите поими и значења, една корисна алатка која го помага разбирањето на еврејската религија и култура.

Со оглед дека претходното издание на „Икона“ беше исцрпено, издавачот сега го објавува своето второ, инаку третото по ред македонско издание на вонредно референтната прозна книга на Томислав Османли. Уредник на изданијата на книгоиздателството „Икона“ и автор на дизајнот на новата корица е Никола Мадешовски. Јазичната редакција на текстот е на Наташа Данчевска. Книгата веќе е дистриубирана во книжарниците на „Икона“.