Три месеци без плата вработените во фабриката за чевли ,,Кадоро Ото“ во К.Паланка

Шрајкуваат вработените во ,,Кадоро Ото“ фабрика за чевли  во  Крива Паланка.
Незадоволство,револт и гнев, кај вработените во фабриката за чевли Кадоро Ото во Крива Паланка.Уште една странска инвестиција на истокот која ветуваше многу а направи малку, ги доведе на раб на егзистенција, кои со минималната плата беа единствените вработени во своите семејства.
Три месеци без пари и здравствено осигурување,на работ на егзистенција,понижени и осиромашени,велат дека не се издржува повеќе. -“Не сме зеле пари од нова година,веќе три месеци. Во четвртокот,минатата недела во знак на револт ги оставивме машините и баравме исплата на плата. Протестиравме цел ден,од раководтсвото побараа да се вратиме на работа и да имаме разбирање за ситуацијата,но ние не сакавме да бидеме повеќе манипулирани и останавме на ставот дека нема да се вартиме на работа.Во петокот ни се јавуваа по телефон да не убедуваат да дојдеме на работа. На повторна средба ни беше речено дека камионот ја чека стоката за извоз и дека пари ќе добиеме на почетокот на оваа недела.Помина,понеделник,вторник но од ветувањата ништо.Денеска,среда,после паузата за појадок,повторно сопревме со работа“, раскажува наша соговорничка која сакаше да остане анонимна,стравувајќи од отказ,доколку се дознае нејзиниот идентитет.
Жените,вредни работнички,по осум часови наведнати над машина,лете и зима,три месеци го толерираа сопственикот на фабриката од Италија,но како што велат не можат повеќе.Дознаваме дека од платите кои овде се движат меѓу десет и дванаесет илјади денари за работник,тие прифатиле да работат и за девет и пол илјади денари месечно само да ги добијат своите тешко заработени пари, но и од тоа ветување останале само празни зборови. Во ваква лоша состојба, работниците на кои што им е загрозена основната животна егзистенција немаат платено придонеси ниту за пензиско и инвалидско осигурување за овој период од Нова година наваму. Велат дека продолжуваат со протестот се до исполнување на нивното барање, а ги повикаа и надлежните да се позанимаваат со работењето на компанијата и односот кон вработените.
Италијанската фабрика Кадоро Ото во Крива Паланка постои десетина години. На почетокот оптимистички делуваа најавите за успех, но денес од тогашните 500 вработени бројката  се намали на околу 150 работници. Дневното производство е околу 300 пара чевли кои се пласираат на странски пазари.Фабриката за време на претходниот изборен циклус беше доста атрактивна за промоција на власта на Груевски како уште една сериозна инвестиција на истокот која ветува многу.
Работење за џабе или без плата,кај нас во Македонија не е ништо непознато иако станува збор за работа спротивно на Законот. Законот за работни односи (член 109) вели дека платата мора да се исплаќа во интервали не подолги од еден месец, најдоцна до 15 ти следниот месец, а доколку има некоја промена на денот кога треба да се изврши исплатата, работодавецот мора  писмено да ги извести работниците за ваквата состојба. Доколку постапи спротивно на тоа,според член 265 ,казната за работодавецот изнесува 2.000 до 3.000 евра плус 500 до 1.000 евра за директорот. Информациите говорат дека кај нас нема многу разлика од односот на домашните и странските газди кон вработените зашто и во двата случаи не е дозволено синдикално организирање, а и ако го има,секогаш е благонаклонето кон тој кој дава пари.
Исто така, свое влиајние има и законот за штрајк на работници,според кој, доколку работниците не ги познават доволно своите права за време на штрајк,работодавачот може тоа да го искористи , потоа  да дели и откази  за непослушните.
АКО.мк