Тунтев објаснува дека се предлага законско регулирање на пушењето на терасите без оглед на временски прилики

Деновиве повторно се разбрануваа духовите во јавноста и се крена голема медиумска прашина околу Законот за заштита од пушењето, пишува на својот ФБ профил еден од предлагачите на измените на постојниот закон, пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев.

Во интерес на објективното јавно информирање и смирување на страстите, добро е да се знаат следните факти, вели Тунтев:

1. Во овој момент не постои никаков нов предлог закон што го изготвила Владата, ниту има било каков нов предлог што е во владина процедура, ниту пак било какви работни групи изготвиле некаков нацрт текст… такво нешто не постои!
2. Во овој момент во собраниска процедура е предлогот на 7 пратеници за измени во законот, што се однесуваат само на терасите надвор од угостителските објекти, онаму каде што и сега пушењето е дозволено – да може да се пуши без оглед на моменталните метеоролошки услови… на комисијата за здравство во јули едногласно беше донесена одлука да се организира јавна расправа за овој предлог закон, што ќе се реализира по завршување на локалните избори, односно со продолжување на работата на Собранието;
3. Како еден од предлагачите на законот, јас ја предложив јавната расправа во Собранието… исто така, целосно ја поддржувам јавната дебата околу регулацијата на пушењето и сметам дека при евентуално ново законско регулирање на ова прашање треба да се слушне мислењето на сите засегнати страни… затоа што станува збор за исклучително важно прашање кое ги засега сите чинители во Македонија, почнувајќи од граѓаните на земјава – и непушачите и пушачите – до потрошувачите, угостителите, хотелиерите, трговците, индустријалците, тутнопроизводителите и други;
4. Многу е важно да се знае дека овде не станува збор за тоа дали пушењето е штетно по здравјето на луѓето или не – тоа е повеќе од јасно… и овде не станува збор за никакво укинување на законот или на забраната за пушење во јавните институции, установи, објекти и затворени простории… не… при донесување на било какво законско решение секогаш во прв план ми е заштитата на здравјето на населението и тоа е прироитет… овде станува збор само за отстранување на причините за субјективно, самоволно и селективно толкување и спроведување на законските одредби и за создавање на еднакви можности за сите угостители;
5. Предлог законот што е во собраниска процедура нема никаков политички или партиски предзнак… за негово донесување предлагачите лобираат кај сите пратеници, без оглед на нивната партиска, етничка, верска, национална или родова припадност, пишува пратеникот Тунтев на својот ФБ профил.

Во јавноста се крена прашина откако пред неколку дена премиерот Заев најави дека во Влада се разговара за ново законско решение со кое е возможно да се дозволи пушење во угостителски објекти под одредени услови и најави широка јавна расправа за ова.