Убиени шестмина верници во џамија во Квебек

Најмалку 6 верници се убиени , а 8 ранети во напад на џамија во градот Квебек во истоимената провинција во Канада, во текот на вечерната молитва. Напаѓачите пукале во четириесетина верници кои се наоѓале во Исламскиот центар, едно од најголемите собиралишта на муслиманската заедница во овој град. Полицијата соопшти дека двајца осомничени напаѓачи се уапсени.

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека ова е терористички напад на муслиманите во центарот на нивното собиралиште.

Премиерот на покраината Квебек Филип Кулијард на твитер ги повика граѓаните на солидарност со муслиманите.

Нападот следува само два дена по повикот на канадскиот премиер Трудо дека сите мигранти кои бегаат од земји зафатени со војна се добродојдени откако американскиот претседател Доналд Трамп со уредба забрани влез во Америка за нив.