Убиен е косовскиот џихадист којшто му се закануваше на Балканот

Џихадистот од  Гнилане Ридван Хаќифи, познат како Абу Мукатил ел Косови, убиен е борејќи се на страната на Исламска држава, пренесуваат косовските медиуми.

Веста за неговата смрт ја потврдило семејството, но нема информации кога точно и каде загинал.

Ридван Хаќифи во јуни 2015  на социјалните мрежи во видео порака се закануваше дека ќе му се одмазди на Балканот со војна како реакција на сите оние што ги понижувале муслиманите во Косово, Албанија , Македонија и во другите земји од регионот.

Тој во 2014 година стана командант на ИД единицата која е составена од џихадисти од Македонија, Косово и од Албанија. Претходно командант на оваа единица беше озлогласениот Љавдрим Мухаџери, за кого уште нема сигурни информации дали е мртов. Тој објави видео пред неколку години, на кое се гледа како обезглавува сиријско момче. На фотографијата во рака држи косовски пасош, а десно од него е Ридван Хаќиви како дел од косовската единица во рамки на ИД:

АКО.мк