УО на Македонска филхармонија упати приговор до Министерство за култура

Управниот одбор на Македонска филхармонија, во состав Бранка Костиќ-Марковиќ – претседател, и членовите Фросина Балова, Лада Шоптрајанова-Петровска и Александар Стојчески , на вонредна седница донесоа одлука да реагираат заради погрешните  одлуки на комисиите кои одлучуваа за распределба на пари за проекти од национален интерес.

,,Заради констатираните разлики меѓу усвоената годишна програма на Македонската филхармонија од страна на Управниот одбор на установата, и објавените резултати од Конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата во 2018 година (официјално соопштена од ресорното министерство во саботата на 10.02.2018), Управниот одбор на НУ Македонска филхармонија, во присуство на в.д.  директорот, Виктор Илиески,  денес (14.02.2018) одржа вонредна седница на која беше одлучено да биде испратен приговор до Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура на Република Македонија за направените пропусти во одобрувањето средства за непостоечки проекти во програмата на институцијата, се вели во соопштението.

Вчера, македонската група Bernays Propaganda, која е меѓународно позната со својот модерен музички стил и видео записи, реагираше јавно дека е изненадена од информацијата за која дознале завчера, дека во април треба да држат концерт со Македонска Филхармонија.

Како што објавивме,  Македонска Филхармонија доби 4.000 евра за концерт со оваа група, кој наводно треба да се одржи на 27 април, но членовите на  Bernays Propaganda појма немаа за ова.

Според информациите, комисијата при Министерство за култура одлучувала по стара програма, која била испратена во време на претходната директорка на Филхармонија, иако во меѓувреме новото раководство напаравила нова и навреме ја доставила во министерството.