Утврден птичји грип кај живина, но не се пренесува кај луѓе

 

Вирусот на високозаразната болест Авијарна инфлуенца, односно птичји грип тип АХ5Н8 кој е утврден кај живина во струшкото село Мороишта е високо патоген кај живината, но не претставува опасност  и не се пренесува кај луѓето, -изјави на прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е констатиран во лабораториските анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со птичји грип и тоа во самото жариште да се уништи целокупната живина,  да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција, рече Поповски.

Прогласени се две заштитини зони кои се под постојан надзор, а согласно правилникот на терен се уништува целокупната живина и производи од живина што биле во контакт. Активни се 30 тимови по 4 лица кои веднаш ќе прават записници, а секоја живина што ќе биде уништена ќе биде обештетена.

Агенцијата за храна и ветеринарство упатува апел локалното население да соработува и да не дава отпор, бидејќи мора да се реагира веднаш и да се уништи заразенатта живина за да се спречи натамошно пренесување на вирусот.