,,Утрински весник“ со помалку страници и без авторски текстови

„Утрински весник“ од денеска ќе излегува на намален број страници. Вработените во весникот, како и колегите од „Дневник“ и „Вест“, од вчера го зголемија времетраењето на штрајкот од 6 на 8 часа. Весникот ќе излегува шест дена во неделата, но без авторски текстови. Причината поради која е донесена оваа одлука е неисплатената плата за јануари, што беше едно од трите барања од одлуката за стапување во штрајк, упатени до менаџментот на нашата компанија „Медија принт Македонија“-објави денеска Утрински весник.

Од весникот велат дека одлуката да се штрајкува полно работно време и да се намалат бројот на страници на весникот е една од најтешките што ја донеле. Сепак, над стотина новинари и медиумски работници, заедно со нивните семејства, се доведени на раб на егзистенција, без плата во 2017 година и без здравствено и пензиско осигурување-велат тие.

И покрај ветувањата кои ги добиле од МПМ,  платата за јануари се уште не е исплатена.

,,Поради тоа, од вас, почитувани читатели, бараме разбирање и поддршка. Нашата намера не е и никогаш не била да згасне „Утрински весник“, туку напротив, подготвени сме, кога ќе бидат исполнети нашите барања, со уште поголем ентузијазам, да подготвиме уште многу изданија“-порачуваат од Утрински весник.