Факели и пораки за крај на протестот

По два часа протестирање пред Собрание на РМ, заврши собирот на Шарената револуција и поддржувачите на работата на СЈО. Неколку илјади демонстранти, мирно и на препознатлив начин, со испишување пораки на асфалтот и куси говори со конкретни пораки, го искажаа незадоволството од владејачките партии и нивниот однос кон Специјалното обвинителство и побараа пратениците да ги изгласаат сите промени во Законот за СЈО, заради непречено извршување на нивната работа.

На асфалтот пред Собрание испишаа порака-Вашето време истече, време е за СЈО.

sjo

Адвокатот Звонко Давидовиќ се обрати пред присутните со порака до пратениците потсетувајќи ги дека тие го изгласаа СЈО и затоа треба да го почитуваат, рече Давидовиќ. Тој побара да ги донесат законските измени за заштита на сведоци, но и да го преиспитаат капацитетот на членовите на Совет на јавни обвинители.

Инаку, протестот започна со собир пред Собрание на РМ, а демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше ,,Јанева, мој херој” и бои и четки во рацете со кои се испишуваат пароли на асфалтот.

Протестот за поддршка на Специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим се одвиваше во мирна атмосфера.

Александар Младеновски, еден од учесниците и организатори на протестот, им се обрати на присутните укажувајќи дека ако треба, секој ден повторно ќе се собираат за да му дадат поддршка на СЈО.

,,Ова шаренило нема да престане, ова ќе продолжи”- порача Младеновски.

На обновените протести на Шарените кои паузираа неколку месеци по договорот за избори во декември, присуствуваа неколку илјади луѓе.

Обновувањето на протестите организирани од Шарена револуција, следуваше заради, како што велат организаторите, зачестените неосновани напади врз СЈО од страна на владејачкото мнозинство и нивните медиумски трабанати.