ФБИ и изборите во САД

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп истури грст навреди и критики за сметка на ФБИ и демократскиот кандидат Хилари Клинтон, откако директорот на Федералното биро Џејмс Коми објави дека нема основа за покренување постапка или пријава по најновото прегледување на нејзините мејлови.

Едно деноноќие пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп во Мичиген изјави дека Хилари Клинтон нема да може да се извлече од одговорноста за „страшните злосторства, вклучувајќи го и бришењето на 33 илјади пораки по налог на Конгресот“.

„Токму сега таа е заштитена од лажиран систем. Тоа е целосно лажиран систем. Јас долго време го велам тоа. Не можете да прегледате 650 илјади нови мејлови за осум дена. Вие не може да го направите тоа “, рече Трамп.

Претходно во неделата, директорот на ФБИ Џејмс Коми во писмо до Конгресот наведе дека агенцијата го завршила прегледот на новите мејлови и дека „не се променил заклучокот од јули годинава во врска со Клинтон“.

Тоа значи дека нема ново обвинување против неа во случајот со користењето на приватниот мејл сервер за државни пораки.

Случајот со приватната електронска пошта на Клинтон додека беше американски државен секретар беше затворен во јули годинава без да биде покренато обвинување против неа.

Пред поеќе од една недела кога Коми со писмо го информираше Конгресот дека ФБИ покрена нова истрага за новооткриени пораки Трамп ја пофали одлуката, оценувајќи дека тоа покренува сериозни прашања за тоа дали на Клинтон може да ѝ се верува како претседател.

Клинтон на митингот во Њу Хемпшир не го коментираше последното писмо на директорот на ФБИ до Конгресот.

Сега, Клинтон има 5 проценти предност пред Трамп, таа има 44, додека Трамп 39 процентна поддршка.

Гласањето за нов претседател на САД е закажано за 8 ноември.