Франсоа Фијон кандидат за претседател на француската десница

62-годишниот Франсоа Фијон, поранешен премиер на Франција , ќе биде кандидатот за претседател од француската десница на претседателските избори кои треба да се одржат идната година на пролет. По верско убедување католик и татко на пет деца, Фијон најави дека ќе ги обедини приврзаниците за да спроведат длабоки реформи кои ѝ се потребни на Франција.

„Сега мора да ја убедам целата земја дека нашиот проект е единствениот кој може да нé покрене. Мојот пристап е јасен, Франција не може да го истрпи својот пад. Таа сака вистина и сака акција“, изјави Франсоа Фијон во победничкиот говор по освоените предизбори.

Фијон убедливо го победи својот противкандидат, исто така поранешниот премиер Ален Жипе, освојувајќи две третини од гласовите на избирачите на францускиот десен центар и конзервативците. Жипе го призна поразот и најави дека ќе го поддржи Фијон во претседателската трка следната година во којашто најверојатно ќе се соочи со претседателката на крајната десница Марин Лепен.

Фијон е поддржан и до поранешниот претседател Николас Саркози.

Истражувањата на јавното мнение на Фијон му даваат голема предност пред Лепен, но аналитичарите сепак се внимателни имајќи предвид дека анкетите неодамна беа во расчекор со резултатите од избирачките места и од предизборието.