ФТ: ЕУ размислува за санкции кон Иванов и Груевски

 

Македонските лидери ризикуваат да бидат казнети ако продолжат да ја блокираат новата влада и да разгоруваат меѓуетнички конфликт, предупредиле медијаторите на ЕУ што се занимаваат со кризата во земјава, пишува Фајненшл Тајмс.

Иво Вајгл, член на Европскиот парламент што ја посети Македонија како дел од четиричлената делегација на ЕУ, ги осуди постапките на Ѓорге Иванов и рече дека ако ситуацијата се влоши, разговорите ќе преминат на „други инструменти, почнувајќи од финансиски“.

„Фокусот на овој полемички одговор на ситуацијата сè повеќе се движи кон меѓуетнички конфликт“, изјави денеска Вајгл за македонската НОВА ТВ. Висок официјален претставник на ЕУ потврди дека Брисел ја разгледува можноста да воведе санкции и во другите европски престолнини.

Иванов доби предупредувања за слични санкции и минатата година кога превентивно помилува десетици осомничени идентификувани од специјалната обвинителка што ги истражува наводите за злоупотреби на Владата откриени на прислушуваните снимки. Груевски беше меѓу помилуваните пред Иванов да ја повлече амнестијата соочен со меѓународна осуда.

За санкции против македонските лидери ќе биде потребно едногласно одобрување од земјите-членки на ЕУ. На нив речиси сигурно ќе се противи Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, кој има блиски односи со Македонија.

Иванов во вторникот одби да се сретне со делегацијата од Брисел предводена од Јоханес Хан, шефот за проширување на ЕУ, и наместо тоа отпатува во Будимпешта на разговори со Орбан, пишува ФТ.