Функционерите за кои се води истрага се именувани во август и не се министри

Премиерот Зоран Заев, кој престојува во работна посета во Будва,  одговарајќи на новинарско прашање рече дека двајцата владини функционери, за кои пред два дена откри дека има истрага, се именувани во август.

„Се работи за два случаи кои се  пријавени од граѓани и се процесуирани во постапка на истрага. Тие  луѓе  се именувани од оваа влада и тоа почетокот на месец август. Јас само тоа ќе го повторам, ако тоа некој добро го чита, ќе знае дали се работи за министри, директори или слично. Потенцирам, почетокот на месец август. Не сакам детали да дадам заради тоа што и немам право да дадам, може да се случи овие луѓе да не бидат виновни, може да бидат виновни, тоа е оценка на истражните органи“ рече Заев.

Министрите  беа избрани на први јуни, а дваесетина дена подоцна беа избрани нивните заменици. На почетокот на август, период што го нагласи премиерот, владата на седница именуваше 67 директори на органи, државни управи и казнено поправни установи што се во надлежност на владата.