Фунтата ослабе, Лондонската берза зајакна

Британската фунта вчера падна на тригодишниот минимум спрема еврото по веста дека Британија до март 2017 година ќе ги отвори преговорите за Брегзит, но затоа, пак, добиените податоци во британскиот преработувачки сектор, подобри од очекуваните, влијаеа на скокот на главниот индекс на Лондонската берза.

Лондонскиот индекс ФТСЕ 100 во попладневните часови зајакна за 1,1 отсто, на 6.974,61 поен, додека акциите на останатите европски берзи главно паднаа, пренесува агенцијата Франс прес.

Парискиот индекс КАК 40 падна за 0,1 отсто, на 4.443,44 поени, Еуро Стокс 50 ослабе за 0,2 отсто, на 2.995,10 поени, додека Франкфуртската берза беше затворена поради државниот празник.

berza-njujork

Во САД, акциите на почетокот на тргувањето беа во минус, непосредно пред овонеделното објавување на извештајот за вработување во САД и годишното заседавање на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

Околу 35 минути од почетокот на тргувањето, индустрискиот индекс Дау Џонс падна за 0,4 отсто, на 18.236,42 поени, С&П 500 за 0,4 отсто, на 2.159,32 поени, а технолошкиот Насдак за 0,4 отсто, на 5.291 поен.

На девизните берзи, еврото зајакна на 87,42 пени од 86,64 пени од крајот на минатата недела, фунтата падна на 1,2849 долари од 1,2974 долари, додека доларот зајакна на 101,60 јени, од 101,37 јен.

shangaj

Во Азија, токискиот индекс порасна за 0,9 отсто, тој во Хонг Конг за 1,2 отсто, додека Шангајската берза беше затворена поради државен празник.

Фунтата вчера во еден момент падна на 87,42 пени за евро, на најниско ниво од август 2013 година, откако британската премиерка Тереза Меј изнесе дополнителни детали за процесот на излегување на Британија од Европската Унија.

Фунтата, според вчера објавените податоци, исто така, „падна“ на тримесечниот минимум кон доларот од 1,2846 долари, но тоа не траеше долго.