Хан:Реформи,па одмрзнување на преговорите со Македонија

Испорачување резултат во однос на исполнување на Итните реформски приоритети што Европската комисија и достави на Македонија пред две години е клучно за Европската комисија да ја одмрзне препораката за почеток на преговорите за членство на земјата во Европската унија. Ова денеска на прес-конференција во Брисел, одржана еден час пред неговата средба со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев го порача еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според Хан, сите во Брисел се посветени, заедно со колегите од Скопје на договорот од Пржино, а ова според него вклучува и фокус на имплементацијата на Итните реоформски приоритети, кој, како што вели, се загуби меѓу останатото во Скопје поради дискусиите последните месеци по изборите и се што се случи претходно.

– Но, сега, ова е клучен дел и ќе биде фокус на дискусијата што денеска ќе ја имам со Заев. Потребен е фокус на Итните реформски приоритети и објавувам дека експертот Рајнхард Прибе, кој оригинално седна со тим на луѓе и претходно го напиша т.н. извештај на Прибе, а кој е база за се, ќе го посети Скопје во јули за да почнат сите активности и иницијативи и Владата да биде поддржана. Ова го велам бидејќи треба најпрво да се води одржлив чекор кон имплементацијата на Итните реформски приоритети, кои се клучни за добивање позитивна препорака од наша страна. Само изборите и формирањето на Владата не е доволно да се добие препораката, потребни се и реформски напори и ова е нешто што може да се стори и да почне веднаш, а во есен ќе ја имаме првата оценка – порача Хан.

Тој не сакаше да шпекулира дали е можен влез на Македонија како ПЈРМ наскоро во НАТО.

– Но, ве уверувам дека ќе сториме се што можеме за ова прашање да се посвети на начин со тоа што ќе најдеме решение, за да почнеме преговори со цел Скопје да постигне потребен прогрес, што е важно за да се добие позитивна препорака од нас. Но, мислам дека ЕУ треба да ја научи исто така лекцијата и се надевам ќе најдеме решение барем за да почнеме со преговори. Одговорноста лежи кај одговорните луѓе во земјата. Но, се разбира, ако политичката рамка или политичката клима не беше погодна за отворање на преговорите, ова сигурно не помогна за стабилизирање на земјата и истата да ја задржиме на патот на кој беше 10-12 години претходно. Ако паметите, пред 12 години, ПЈР Македонија беше најдобар ученик во класот од регионот, што не е случај денес. Фактот дека имаше недостог на конкретна перспектива влијаеше на ситуацијата внатре во земјата и ова е поента што ја покренав и затоа мислам дека соседите треба да имаат интерес да придонесат, пред се, во свој интерес на стабилност и вклучување на оваа земја во ЕУ во иднина – додаде Јоханес Хан.

Во однос на билатералните добрососедски односи, тој рече дека има добри лични односи меѓу премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев и се надева дека тоа ќе даде резултат.

– Новоизбраниот премиер ќе дискутира, но сите земји-членки треба да разберат дека не се договорија да се отворат пристапните преговори во последните осум-девет години, што доведе до познатиот развој на настани изминатите две години. Па, претпоставувам и се надевам дека ќе има промена на мислењето за ова и сега е на нас, Европејците, да испорачаме нешто заедно со нашите колеги и пријатели во Скопје – заклучи Хан.