Хан и Могерини ја поздравија одлуката Иванов да го додели мандатот

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и комесарот  за проширување Јоханес Хан ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да му го додели  мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да преовладува, за да може земјата конечно  да излезе од политичката криза. Сега очекуваме брзо  формирање влада посветена на спроведување на сите делови од Договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети“, се наведува во заедничката писмена изјава на Могерини и Хан.

Тие ги повикуваат сите парламентарни партии да ги стават поделбите настрана и заеднички да работат на реформската агенда за да се врати земјата на патот на евроатлантските интеграции. Могерини и Хан изразуваат подготвеност да ги поддржат реформските напори на новата влада.