Хаос и безвластие низ угостителските објекти, се пуши секаде, не се издаваат фискални и нема инспекција

 

Низ кафулињата и рестораните низ Скопје се пуши и не се издаваат фискални сметки, пишува порталот Сакам да кажам.

Изминатите две-три недели додека траеја новогодишните прослави во угостителските објекти Законот за пушење ретко каде се почитуваше, ниту пак угостителите редовно издаваа фискални сметки.

Освен во т.н. најлонските тераси каде пушењето е дозволено, се пушеше и во затворените објекти на кафулињата, рестораните и дискотеките. Пазарниот инспекторат уште нема директор, а вработените два месеца немаат земено плата и нема кој да спроведе акција за контрола на објектите.

Иако беше очигледно дека во празничната еуфорија низ кафеаните владее анархија, властите велат дека институциите си ја вршат работата.

Од Владата велат дека и покрај тоа што Пазарната инспекција нема директор, инспекторите редовно си ја извршуваат работата. Не кажаа дали и колку објекти биле казнети поради непочитување на законот за забрана на пушењето.

„Назначувањето на новиот директор е предвидено за некоја од првите владини седници во 2018 година со што вработените ќе ги добијат веднаш заостанатите плати. Сите обврски предвидени со позитивната законска регулатива Државниот пазарен инспекторат ги извршува редовно и без пречки“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Ниту Управата за јавни приходи не вршеше контроли по угостителските објекти за издавање фискални сметки.

Извор:СДК