Холандската ИНГ банка ќе отпушти 7.000 работници

Најголемата холандска компанија за финансиски услуги ИНГ планира да затвори 7.000 работни места во Белгија и Холандија и да се фокусира на дигитални услуги.

Раководството на холандската банка до 2021 година ќе отпушти 3.500 работници во Белгија и 2.300 во Холандија, се наведува во соопштението на таа компанија.
ИНГ, исто така, планира да отпушти и илјада надворешни соработници.

Истовремено е соопштено дека банката планира во следните пет години да вложи 800 милиони евра во дигитални иновации за да се подобри квалитетот на услугите.

Најавените отпуштања би требало да донесат заштеда од близу 900 милиони евра до 2021 година.

Новите инвестиции ќе придонесат за ширење на услугите во Германија и влез на пазарите во Франција, Австрија, Чешка, Италија и Шпанија.

Во рамките на планот на штедењето ќе бидат затворени 1.250 филијали и агенции на ИНГ и Рекорд банката во Белгија.

Основниот профит на најголемата холандска банка во 2015 година изнесуваше 4,2 милијарди евра, што е за 23 отсто повеќе отколку во 2014 година.

Премиерот на Белгија, Шарл Мишел, напиша на својот Твитер профил дека дава полна поддршка на работниците на ИНГ.

„Банката мора да преземе полна одговорност. Попладнево ќе се состанам со синдикатите“, наведе белгискиот премиер.

Белгија во последно време е потресена од низа отпуштања на работници и затворање на компании.
Американскиот производител на тешка механизација „Катерпилар“ објави минатиот месец дека го затвора белгискиот производствен погон и дека ќе отпушти 2.000 работници.