Членовите на ДИК се правдаа, па дури потоа објавија дека ќе ги донираат дуплите плати

Членовите на ДИК, пред да кажат дека ќе ја разгледата можноста како да ги вратат, односно донираат дуплите плати што си ги поделија за работењето за време на избори, првин долго и опширно се правдаа дека се што е направено е согласно законот. Велат, многу работеле, па не се знаело кога е ден кога ноќ, немале ниту викенд, ниту празник, а нивните деца се прашувале дали воопшто таа ноќ ќе се вратат дома.

Претседателот Александар Чичаковски, рече дека Државната изборна комисија ја прифати критиката на јавноста , но никој од членовите на ДИK не понуди оставка поради овој скандал.

– Критиката ја прифаќам. Оваа одлука не го издржа судот на јавноста. Давам изјава дека иако не постои законска можност да се отповика одлуката, ќе ги разгледаме правните можности надоместоците кои ни се исплатени да ги вратам во буџетот или да ги донирам на организации кои работат нешто во врска со изборите – рече претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Тој нарeди сите донесени одлуки кои не се објавени веднаш да се објават на сајтот на ДИК заради транспарентност.

Едногласно, со 9 гласа „за“ се изгласа заклучокот на ДИК да се рaзгледа можноста за враќање на парите.

Според заклучокот, секој член на ДИК индивидуално ќе  одлучи дали ќе ги врати парите што се исплатени како надоместоци во висина од четири плати за локалните избори во октомври.

Информацијата за нивното безобразно однесување, ја објави американскиот амбасадор, кој во говор посветен на борба против корупцијата, објави дека ДИК си поделиле по една бонус плата за ској изборен месец и тоа го направиле на тајна седница и целосно нетранспарентно.